Профитот од „Пиво и Скара Фест“ за обнова на кујната во Спортскиот центар „Илинден“

Во спортскиот центар „Илинден“ во сиднејската населба Рокдејл, на 5 јули, за првпат се одржа манифестацијата „Пиво и Скара Фест“ , во организација на Македонското прилепско друштво „Методија Андонов-Ченто“ и ФК Рокдејл Илинден. Настанот привлече голем број посетители кои уживаа во традиционалната македонска храна, ладното пиво и богатата музичка програма.

Посебни честитки заслужуваат сите доброволци од прилепското друштво „Методија Андонов – Ченто“, кои со ентузијазам, труд и посветеност работеа за фестивалот да биде успешен.Претседателот на друштвото, Иван Конески, истакна дека зад успешната организација стојат денови напорна работа и голема посветеност.

– Ова беше многу продуктивен ден за сите нас. Се подготвувавме повеќе денови и не беше лесно да се организира ваков настан за првпат. Нашето прилепско друштво „Методија Андонов-Ченто“ постои речиси 50 години и секогаш се трудиме да организираме успешни настани за нашата заедница – рече тој.

На прашањето како се родила идејата „Пиво и Скара Фест“ да се пресели и во Сиднеј, претседателот објасни дека иницијативата се појавила годинава и дека желбата е оваа манифестација да прерасне во традиција што ќе се организира еднаш годишно.

И покрај повремените врнежи, атмосферата беше одлична. Спортскиот центар беше исполнет со посетители, а паралелно се одржуваше и фудбалски натпревар. Во клубот и салата немаше слободно место, додека гостите уживаа во богата понуда од скара, прасето на ражен и ладно пиво.

Во организацијата беа вклучени голем број волонтери, меѓу кои и советникот во општината Georges River, Оливер Димовски, кој, како што истакнаа организаторите, секогаш несебично ја поддржува македонската заедница во Австралија.

За добрата атмосфера се погрижи музичката група „Балканика“, како и пејачката Соња, која со својот настап ги крена на нозе присутните и создаде вистинско празнично расположение.

Организаторите информираа дека средствата собрани од манифестацијата ќе бидат наменети за реконструкција на кујната во Спортскиот центар „Илинден“.

– Ваквите настани нè зближуваат, ни овозможуваат да се дружиме и веселиме, а воедно да придонесеме за развојот на нашиот клуб „Илинден“ и да го зачуваме за идните генерации – порачаа од организацискиот одбор.

Славица Марцевска

Останати вести