Разгледница од Австралија пристигна во Британија 42 години откако била испратена

Разгледница од Австралија пристигна на адреса во Кент, Англија, 42 години откако била испратена. Разгледницата е испратена од Сиднеј до домашна адреса во Вестгејт, Англија, на 27 август 1981 година.

„Би сакале да го најдеме човекот на кој му е адресирано и да му го дадеме. Очигледно тие биле добри пријатели и тоа може многу да му значи“, рече Саманта Вилијамс, која сега живее на адресата на разгледницата што е адресирана до Стив Палгит и вклучува рачно напишана белешка од „Гери“.

„Таа е испратена од човек наречен Гери од Сиднеј и упатено до Стив Палгит, кој веруваме дека живеел овде со своите родители во 1980-тите“, изјави таа за Би-Би-Си. „На разгледницата има само печат од 32 центи, па можеби седела во канцеларија за сортирање во Австралија или Велика Британија повеќе од 40 години“, додаде таа.

„Тешко е да се шпекулира што се случило со оваа разгледница, но поверојатно е дека неодамна била вратена во поштенскиот систем отколку дека била изгубена. Royal Mail редовно ги проверува сите свои канцеларии за испорака и секојдневно ги чисти машините за обработка. Штом пратката е во поштенскиот систем, тогаш ќе биде доставена на адресата на картичката“, велат од UK Post.

Останати вести