Роналдо со експлозивно интервју: Манчестер јунајтед ме разочара, а Тен Хаг не го почитувам!

Кристијано Роналдо одамна најавуваше интервју во кое ќе соопшти многу детали за својот втор престој во Манчестер јунајтед,  па одработи експлозивно интервју со Пирс Морган и експресно стана топ тема во англиската спортска јавност, бидејќи зборовите кои ги употреби Португалецот според многумина се најава за неизбежна разделба меѓу него и Манчестер јунајтед во месец јануари.

Роналдо не играше на последните два меча за Јунајтед со образложение дека е болен, но тајмингот на интервјуто јасно укажува на тоа дека разговорот е точно исцениран и договорен за објавување по натпреварот против Фулам.

Португалецот не се штедел во разговорот и тврди дека се чувствува издаден од неговиот омилен англиски клуб.

– Не го почитувам Тен Хаг, бидејќи тој не ме почитуваше мене. Не очекувај да те почитувам, ако ти не ме почитуваш – рекол Роналдо за ситуацијата кога доби казна од менаџерот поради одбивањето да влезе во игра на дуелот со Тотенхем.

– Не гледам никаков напредок во клубот откако си замина Сер Алекс, Јунајтед стои во место, нема еволуција. Сакав да му помогнам на клубот и затоа дојдов, но внатре има луѓе кои не ни дозволуваат да напредуваме како Сити, Ливерпул и Арсенал – изјавил Роналдо.

Во интервјуто Роналдо потенцирал дека се чувствува издаден од клубот, бидејќи станал дежурен виновник, односно „црна овца“ во секоја критична ситуација.

Неверојатниот голгетер не му остана должен ниту на Вејн Руни кој се претвори во негов дежурен и најголем критичар во последно време.

– Не знам зошто Руни ме критикува толку. Најверојатно поради тоа што ја заврши својата кариера, а јас се уште играм на највисоко ниво. Нема да кажам дека сум подобар од него, но тоа е вистината… – кажал Роналдо.

Португалецот зборува и за сопствениците на клубот, вели дека на нив не им е гајле за Манчестер јунајтед.

– На сопствениците, на “Глејзерс“ не им е гајле за клубот, мислам на професионалниот, спортскиот дел. Како што знаете Манчестер е маркетинг клуб, добиваат пари од маркетинг, за спортскиот дел тие не се грижат многу, според мене. Јас никогаш не сум разговарал со “Глејзерс“, тие ја даваат целата моќ на извршниот и спортскиот директор, констатира Роналдо и потврдува  дека голем дел од фановите на Манчестер јунајтед имаат негативно мислење за начинот на кој “Глејзерс“ го водат клубот.

– Фановите секогаш се во право, заклучува на крајот.

Ова интервју е официјално објавено на денот со кој беше означен крај на првиот дел од сезоната во англискиот фудбал, па со оглед експлозивната содржина, огромни се шансите Роналдо да направи трансфер веднаш по крајот на Светското првенство во Катар.

Останати вести