Русија и Белорусија исклучени од Параолимпијадата во Пекинг

Меѓународниот параолимписки комитет (МПК) попушти под притисокот од своите членки и, поради војната во Украина, сега им забрани на руските и на белоруските спортисти да се натпреваруваат на Зимските параолимписки игри.

МПК го соопшти ова за помалку од 24 часа откако наведе дека Русија и Белорусија како неутрални екипи, без државни симболи и химни, ќе учествуваат на Зимските игри кои започнаа во петокот во Пекинг.

МПК поради оваа одлука доби остри критики, а одлуката е наречена и предавство кое испратило погрешна порака до руското раководство.

Во соопштението се наведува дека е јасно оти многу спортисти ќе одбијат да се натпреваруваат против колегите од Русија и од Белорусија, што ќе „направи хаос на Параолимписките игри и ќе нанесе штета на репутацијата“.

МПК со тоа се приклучи на бројни спортски федерации во исклучувањето на руските и белоруските спортисти од натпреварите. Зимските параолимписки игри ќе траат до 13 март.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ги повика сите спортски организации да ги исклучат Русија и Белорусија од натпреварите поради руската воена акција во Украина. МОК наведе, во случај ако тоа не биде можно во кус рок или поради правни причини, дека на релевантната организација ќе ѝ препушти самостојно да донесе одлука.

Останати вести