Сами побаравме САД да ни помогнат со корупцијата

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е загрижен за корупцијата во државата во која е веќе пет ипол години на власт. Тимовите што досега, под негово водство, не покажаа резултат понуди да ги става на располагање на Американците откако беше објавено дека специјален тим за санкции од американското Министерство за правда пристигнал во земјата за да истражи наводи за корупција кај актуелни функционери.

Спасовски побара загриженост и од граѓаните, кои со радост ја примија веста за доаѓањето на американскиот тим.

На темата „корумпирани актери“ зборуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, чија партија дочека и полнолетство на власт. И тој признава дека корупцијата во земјата не е само на ниво на политика, туку е на секое ниво.

Османи вели дека македонските власти самите побарале американска помош во борбата против корупцијата.

– Ако не ги почнеме преговорите со ЕУ, стравував дека ќе останеме на мониторинг, затоа побарав од САД да ни помогнат во однос на корупцијата, вели шефот на дипломатијата.

Но, за делот од изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер во која таа најави „поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери“, Османи додава дека станува збор за „сеопфатен поглед на корупцијата во земјата“ и дека власттие „поддржуваат бескомпромисна борба на сите нивоа“.

Американската амбасадорка соопшти дека во Македонија пристигнал американски тим за санкции со цел да утврди како стои работата со гонењето на корумпираните лица. Во интервју за „Сител“, таа повтори дека корупцијата е најголемиот предизвик со кој се соочува Македонија.

– Како што патувам низ земјата и зборувам со обичните луѓе, тие зборуваат за корупција секогаш кога треба да посетат лекар, секогаш кога бараат работа, секогаш кога детето им аплицира за одредено училиште. Искрено, корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа за оваа земја и што толку голем број млади луѓе не сакаат да останат тука, напиша Агелер на Твитер, забележувајќи дека корупцијата ги „брка“ младите и дека тоа е најголемата загуба за земјата.

По 8 години министерување и плата од граѓаните во три ресори, Бујар Османи тврди дека корупцијата царува во државата

На прашањето на “Телма“ за кои функционери воопшто и функционери на ДУИ се интересирал експертскиот тим за санкции пратен од САД, министерот Османи понуди неговата партија да биде предводник и гарантор на ветингот во земјата!?

Тој по 8 години министерување (2 и пол години министер за здравство во влада на Груевски и 5 и пол години вицепремиер и министер за надворешни во владите на Заев и Ковачевски) тврди дека во државата владее корупција на сите нивоа, а не само во политиката. Предлага ДУИ да биде носител на проект за ветинг на сите нивоа иако партијата чиј член е тој веќе 18 години практикува власт, како што самиот кажува, “од портир на врата до највисок функционер“.

– Корупцијата во Македонија не е само во политиката туку во секој општествен сектор. Секаде каде што граѓаните се јавуваат на шалтер и бараат услуга од државата, има елементи на корупција. И ништо не сме направиле ако имаме селективен пристап во овој дел. Сеопфатен пристап од портир на врата до највисок функционер во државата, одговори Османи

Останати вести