Скопјанецот, 37-годишниот Љупчо Бојчевски, засега единствениот затвореник во Македонија кој е осуден за „Учество во странска војска“ затоа што се борел на руска страна во војната во Украина. Тој се кае за тоа што го сторил, како што пишува во пресудата на Кривичниот суд и се согласил за „Радио Слободна Европа“ да раскаже низ што поминал.
Тој е осуден на четири години затвор затоа што македонските власти откриле дека три месеци се борел на боиштата во Украина на страната на Русија. Казната ја отслужува во „Идризово“.
Законот што го инкриминира делото „учество во странска војска“ е воведен во септември 2014 година за да се спречи заминување на државјани во конфликти на Блискиот Исток. До сега во Македонија имало пресуди само за приклучување кон радикални исламски формации како ИСИС. Овој случај е прв поврзан со војната во Украина која почна со руската инвазија во 2022, бидејќи бил војник во руско – украинскиот конфликт.
Македонските власти немаат точни податоци за тоа колку државјани учествувале или учествуваат во оваа војна. Јавноста знае за само уште еден потврден случај, но тој не заврши со затворска, туку со условна осуда.
Затоа, пак, државните институции негираат дека има организирано регрутирање на Македонци на овие боишта, сметаат дека се работи за индивидуални случаи кои стигнале таму со странска помош обезбедена преку интернет.
Уште на почетокот на конфликтот Северна Македонија го оцени рускиот напад како „директен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“. Ги поддржа и меѓународните санкции и осуди кон Русија.
Пат до Мариупол
Љупчо Бојчевски е осуден со правосилна осуда на 13 мај 2025 година. И во неа пишува дека бил регрутиран преку затворена група на руската апликација „Телеграм“, од странски државјани, поточно Руси.
Во пресудата пишува и дека изјавил оти „се чувствува виновен, односно го признава кривичното дело кое му се става на товар со поднесеното обвинение, дека истото го сторил на начин, време и место, како што е опишано во обвинителниот акт и изрази искрено каење за стореното“.
– Одамна следев што се случува таму, следев на интернет и на „Телеграм“ бидејќи има повеќе канали преку кои можеш да аплицираш. Пишете само Донбас и милион ќе излезат такви канали. Аплицирав уште во 2021 година и по две години ми ѕвони телефонот – кога гледам некој руски број. Ми вика: сакаш да дојдеш да работиш за руското министерство и прифатив, вели Бојчевски за РСЕ.
Патот на Бојчевски до Мариупол, каде учествувал во војната, бил од Скопје до Белград со автобус, од таму со авион до Истанбул, па од таму до Москва. Од Македонија излегол на 18 септември 2023 година, а веќе по пет дена го потпишал договорот за да биде војник.
Тој пак сведочи дека целата организација од купување на билети па се сместување во хотел и трансфер до Мариупол била на регрутерот, извесен „Муса“.
– Тој е Русин и многу страшен Русин. Тој е од Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ). Тој беше страв и трепет. Таму сум видел чуда да прави. Ни полиција му може нешто, ни армија, никој. Ние кога отидовме таму без документи, од Москва до Мариупол не спроведе низ места што да не ти се верува. Какви ти знам чек поинт има, контроли, триста. И сегде сме поминале без документи, раскажува Бојчевски.
Со Бојчевски бил уште еден Македонец
На патот до боиштето Бојчевски не бил сам. Заедно со него бил и негов другар, скопјанецот Тони Шагмановски.
Шагмановски сега е мртов но не загинал на боиштата, туку е пронајден по неговото враќање во напуштена куќа во скопската населба Аеродром. Настанот е заведен во полицискиот билтен од 10 јануари 2024 година, а во документите од Обвинителството се вели дека не се работи за насилна смрт. Не откриваат детали од обдукцијата.
Токму по неговата „мистериозна“ смрт, во неговите лични предмети и телефонот биле пронајдени податоци и сомнежи и за Бојчевски по што почнала истрагата. Од телефонот на Шагмановски се извлечени 57 фотографии кои биле користени како докази против Бојчевски, а на една од нив во описот се вели дека се гледа Шагмановски како е повреден, а над него стојат две лица со фантомки.
Бојчевски за РСЕ вели дека еден од тие лица е тој. Повредата на Шагмановски вели дека не била сериозна по неговиот живот.
– Шрапнел го погоди во главата. Смешно е и не е, ама тој не носеше шлем бидејќи тој со кој го задолжија му беше голем, вели Бојчевски.
Аплицирал за „Вагнер“ завршил во „Каскад“
Сепак клучен доказ бил договорот кој бил пронајден при претресот во домот на Љупчо Бојчевски со „Министерството за внатрешни работи“ на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ склучен за отслужување на воена служба на една година, почнувајќи од 23 септември 2023 година со пробен период од три месеци. Во него пишува дека од една страна „Министерството на Доњецката Народна Република е застапувана од полковник Турчин Владимир Сергеј, а од друга војник Љупчо Бојчевски“.
Според она што го пишува во договорот Бојчевски требало да биде обучуван за помошник стрелач на минофрлач.
Се борел на руската страна од како што вели лични убедувања „за братскиот народ“. Тој тврди и дека месечно требало да добива 3.000 евра, иако договорот не содржи износ.
– Бев на забрзана обука и веднаш не испратија на фронт, вели тој.
Во домот на Бојчевски биле пронајдени предмети како и маскирна капа, со ознаки на формацијата КАСКАД, и под него „Група Китаец“.
Според јавно достапни податоци „Каскад“ е руска оперативно-борбена тактичка формација на областа Донецк која е под руска окупација.
Китаец (Кинез на руски) пак е „прекар“ на водачот на групата на која припаѓал Бојчевски.
Тој самиот потврдува дека таму бил распореден, иако првично аплицирал за „Вагнер“.
Заедно со Шагмановски биле единствените Македонци. Според неговото тврдење не сакале да примаат други борци од Македонија.
– Бевме ротирани на различни задачи, не цело време на фронт. Непријатно е да кажувам во јавност што се сум гледал. Сум видел колеги психопати што прават. Стварно лоши ѕверства, дури непотребни работи, вели Бојчевски.
И покрај тоа што договорот бил на една година, сепак двајцата Македонци биле таму само три месеци. Неговиот договор бил раскинат после неколку лекарски прегледи по кои било утврдено дека страда од тромбоза на нозе и зголемени лимфни јазли на препони.
Договорот му бил раскинат на 23 декември 2023 година. Назад во Македонија се вратил заедно со својот пријател Шагмановски.
Втор случај – условна осуда
Освен Бојчевски уште еден македонски државјанин e осуден (добил условна казна) за обид да учествува во војната на страната на Русија. Се работи за Ј.К. (29) од Кавадарци кој работел привремено во Хрватска. Тој во октомври ланската година заминал за Русија, каде му било побарано да го предаде пасошот, по што требало да потпише договор и да биде испратен на обука за борба во Украина. Но по неколку денови се вратил и побарал помош од македонското Министерство за надворешни работи (МНР). Тогаш е уапсен.
Судот потврдил спогодба со Обвинителството и му изрекол условна двегодишна затворска казна.
Од извори во истрагата РСЕ дознава дека момчето сведочело оти било изманипулирано и дека мислело дека ќе оди да работи на платформа. Кога видело за што станува збор веднаш побарало помош од македонското Министерство за надворешни работи кое учествувало во трансферот до Македонија. Само што слетал на скопскиот аеродром бил пречекан од полицијата и приведен.
Уште при почетокот на руската инвазија на Украина македонското МНР предупреди дека учеството во војна во странство на било која страна е казниво дело, и повика македонските граѓани да не се впуштаат во тоа. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека немаат ниту еден предмет за организатори кои регрутирале борци за војната во Украина.
Координаторот на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов, признава дека имало интерес кај поединци, дури и од специјалната единица на македонската армија „Волци“, но тврди дека никој организирано не заминал.
