Нова брза пруга и автопати во Србија, нови автопати и во Албанија и Косово, во Турција отворен најдолгиот висечки мост во светот… а во Македонија лани се изградени само две нови патарини за наплата на магистралниот пат Миладиновци-Штип
Додека во Македонија се останува само на неисполнети ветувања, земјите од регионот секојдневно се фалат со остварените капитални проекти. Најблиски примери се Србија и Турција. Кај северниот сосед минатата седмица официјално во употреба беше пуштена брзата пруга од Белград до Нови Сад, каде возовите ќе се движат со брзина до 200 километри на час. Возот е двокатен и луѓето од центарот на едниот до центарот на другиот град се за само 30-ина минути. На свеченото возење гостин на Вучиќ му беше премиерот на Унгарија Виктор Орбан.
Во Србија интензивно се гради и кога се во прашање автопатиштата. Автопат води од Белград кон Унгарија, Хрватска, Бугарија и Македонија. Во изградба е автопат кон БиХ и Црна Гора.
Пред неколку месеци српскиот претседател Александар Вучиќ се пофали дека откако неговата партија е на власт, биле изградени повеќе 350 километри автопати, во моментов дека се граделе уште 370, а во фаза на подготовка биле и дополнителни 300км.
Во Турција минатата недела беше свечено пуштен во употреба мостот “1915 Чанаккале“ долг 4.6 километри. Тој ги поврзува двете страни на Дарданелите и е моментно најдолгиот висечки мост на светот а го градеше корејска фирма.
Многу подобро од Македонија во сегментот на инфраструктурни инвестиции е дури и и Косово, каде се изградени автопатите “Арбен Џафери“ и “Ибрахим Ругова“, првиот од Приштина до границата со Македонија, другиот од главниот град на оваа држава до границата со Албанија.
На крајот на ноември минатата година со зурли и тапани и Албанија отвори нов автопат, кој го доби името “Патот на Арбр“, а ја поврзува Тирана со Македонија, до границата кај Дебар.
Во Македонија, за жал, последни патишта од современ тип се оние на Владата на Никола Груевски – делницата од Демир Капија до Смоквица и Миладиновци-Штип. Кога дојде на власт СДСМ преостануваше само да ги пуштат во употреба. Неодамна, како што се пофали актуелната власт, беа изградени две патарини на автопатот Миладиновци-Штип, со кои граѓаните само за патарини плаќаат 160 денари за 75 километри возење.
