СЗО апелира да се укинат ковид пропусниците – докторите велат „време е!“

Светот ги менува протоколите за заштита од ковид-19. Откако властите во Велика Британија и Израел најавија укинување на „зелените пасоши“, сега и Светската здравствена организација им порача на светските лидери да размислат за повлекување на ковид-сертификатите како услов за патување.

Надлежните во Македонија се уште не зборуваат на оваа тема, но лекарите велат дека препораките на СЗО би требало да се почитуваат и оти здравствените власти треба да размислуваат во оваа насока.

Доктор Александар Петличковски, од Институтот за имунологија, во разговор за „НоваТВ“ вели дека во овие нови услови на ширење на омикрон мутацијата, вакцинацијата не е гаранција дека некој нема да го фати вирусот, а со тоа се компромитира и значењето на вакциналниот ковид-сертификат.

– Во однос на другите мерки, она што прво треба да се направи е да се скрати времето на изолација кај позитивните лица на 5 до 7 дена. Тестови да прават само оние со симптоми, но не сите кои биле во контакт со позитивно лице, вели доктор Петличковски.

Во однос на носењето на заштитни маски, Петличковски смета дека маските како мерка треба да останат, посебно при престој во затворен простор, бидејќи смета дека наглото повлекување на сите рестриктивни мерки може да донесе и до 10.000 нови случаи на ден, нешто што здравствениот систем во Македонија не може да си го дозволи.

И епидемиологот Драган Даниловски се согласува со препораките на СЗО за укинување на сертификатите за вакцинација како услов за патување. Според него ваквите сертификати се бесмислени, оти, како што вели, немаат никакво влијание врз ширењето на омикрон варијантата.

– Наспроти сертификатите бројките пораснаа минатата недела за 20 проценти секаде во светот, освен Африка. Но, јас би додал, сертификатите треба итно да се укинат не само за патувања, туку и во секојдневниот живот. Не се постигнува ништо, освен непотребна дискриминација и малтретирање на граѓаните. Впрочем, така веќе постапија Велика Британија и Данска. Тие отидоа дури и подалеку – маските веќе не се задолжителни. Се надевам дека надлежните ќе ги разгледаат овие најнови информации и соодветно ќе реагираат, вели професорот Даниловски, додавајќи дека појавата на омикронот ќе значи и крај на пандемијата.

И трансфузиологот Нико Беќаровски, кој во екот на пандемијата беше дел од тријажниот ковид центар, пишува дека ковид-сертификатите се смешни во ерата на омикрон сојот.

– Ако сите се сложуваме дека ниту вакцината, ниту претходното прележување не заштитува од можноста да се заразиме и да го пренесеме омикронот, тогаш која е целта на сертификатот за вакцинација во дадениов момент??? Некој ќе каже, вакцинираните и прележаните многу полесно ја поминуваат болеста и потешко се заразуваат. Да 100% точно и затоа е паметно да сте вакцинирани, ама тоа е личен ризик на непрележаните и невакцинираните, а не ризик по колективното здравје, поради кои и се воведоа овие сертификати, пиша Беќаровски на социјалните мрежи и ги повика членовите на Комисијата за заразни болести да размислат околу ова прашање.

Останати вести