Врв на султанатот Македонија е она што се случи во Владата? Сте чуле ли некој премиер, па и некој технички премиер да си го слави роденден семејството во Владата. Луѓе, не само што ја приватизираа државата, туку и дворци си направија од државните институции, со сè внуци, со сè фамилија. Затоа јас велам дека се однесуваат како римски конзули. Од другата страна на Вардар еден друг конзул, еден друг везир, исто така си славеше во она министерство во кое што само 3% има други. Можете да замислите што прави господинот Артан Груби? Му го дава министерството, зградата, на султанот Али Ахмети за тој таму да се среќава со дипломати, па да слави родендени, па дури и да си пее. Тоа ли е држава? Тоа не е држава, тоа е држава во пропаѓање, а не само слаба држава и затоа да не дозволиме да пропадне, порача вечерва кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.
– Мора да си заминат инаку тешко ни се пишува. А, кога мојот противкандидат зборува дека сторил сè што можел, не можам, а да не кажам дека ништо не сторил во овие пет години. Дури ни оние скромни уставни надлежности не ги искористил. Каде беше господинот Пендаровски? Каде беше да стави не знам колку вета на катастрофално лошите закони? Згора, замислете, носите закони во интерес на поединци, во интерес на групи, а се повикувате на европско право? И уште се именувате како Европјани. Ма, какви Европјани се тие?!? Тие не се ни западнобалканци. Тие не се политичари! Тие се погрешни луѓе на погрешни места, погрешни луѓе на Вашите места. Луѓе кои не се избрани за таму, луѓе кои станале министри и пратеници, но не на правен начин туку со политички пазари. Затоа нема невин меѓу нив, поеднакво се одговорни и сите треба да си заминат затоа што наместо за доброто на граѓаните на Македонија, тие си градеа кули, но тоа се кули од пепел, вавилонски кули. Тоа ќе се види на 24 април кога ќе им се урне првата кула, а потоа на 8 мај и втората и кога ќе мора да си заминат, рече таа.
– Најважниот предизвик за сите нас е беспоштедната битка со корупцијата и криминалот! Тие се најкорумпираните и криминализираните. Тие се татковците и мајките на корупцијата и криминалот. А, со корупција и криминал не се оди никаде, ни во место не се стои, се пропаѓа, а не ќе оделе тие кон Европската унија. Запомнете – најстрашна власт е власт во заминување.
Луѓето сфатија дека ова се импотентни политичари, дека ова се политичари кои не водат политики, дека ова се политичари кои не се сакаат себеси, се плашат не само од Вас, се плашат од себе, од своите сенки. Затоа сега трчаат по Македонија, во битка по имунитет, мислејќи дека ќе се скријат во парламентот и така ќе бидат заштитени. Не, ништо нема да ги заштити! Одлуката е во Вашите раце и свесни сте за моментот кој што не смееме да го пропуштиме ако сакаме да живееме во пристојно место, каква што е Македонија, порача Гордана Силјановска Давкова.