Сите доделени награди на церемонијата на ФИФА

Светската фудбалска организација ФИФА ги прогласи најдобрите за 2022 година. На церемонијата „Тhe Best“  во Париз главната награда за фудбалер на годината заврши во рацете на Лионел Меси.

Наградата „The Best“ ФИФА ја доделува од 2016 година кога одлучи да се одвои од „Франс фудбал“ кој ја доделува „Златната топка“. Кристијано Роналдо беше добитник на првите две награди, потоа Лука Модриќ беше најдобар во 2018, Меси наградата првпат ја освои во 2019, а потоа двапати во низа победуваше Роберт Левандовски.

Аргентинецот сега се израмни со полскиот голгетер и Португалецот како играчи кои најмногу ја добивале наградата. Изборот и можеше да се очекува откако Меси ја предводеше Аргентина до светската титула на Мундијалот во Катар каде што исто така беше прогласен за најдобар играч.

Во женска конкуренција наградата ја освои Алексија Путељас, фудбалерката на Барселона која вторпат во кариерата е прогласена за најдобра фудбалерка во годината.

СПЕЦИЈАЛНО ПРИЗНАНИЕ ЗА ПЕЛЕ

Почетокот по говорот на претседателот Џани Инфантино помина во знакот на Пеле, човекот кој ќе остане запаметен како „крал на фудбалот“. ФИФА му оддаде почит со специјално признание кое го подигна бразилскиот Роналдо. Легендарната „деветка“ одржа емотивен говор со кој предизвика солзи кај многумина, за потоа на сцената да се појави и последната сопруга на Пеле, Maрсија Аоки.

НАЈДОБАР ГОЛМАН/КА

По емотивните 20-тина минути и делот посветен на бразилската легенда, беше доделена наградата за најдобра голманка а таа заврши во рацете на Мери Еарс, која го чува голот на Манчестер јунајтед. Наградата ја освои најмногу поради својот придонес во репрезентацијата на Англија со која го освои Европското првенство. 

Наградата за најдобар голман ја доби Аргентинецот Емилијано Мартинез. (во конкуренција со Мароканецот Јасин Боно и Белгиецот Тибо Куртоа). Мартинез го следеа многу контроверзи во текот и по завршувањето на Мундијалот, но сепак она што се вреднува се настапите на теренот, па затоа и оваа награда заврши во рацете на голманот на Астон Вила.

НАЈУБАВ ГОЛ

За наградата „Пушкаш“ (најубав гол) се бореа капитенот на Марсеј, Димитри Паје, напаѓачот на бразилската репрезентација и Тотенхем, Ришарлисон и полскиот фудбалер со инвалидитет, Марчин Олекси кој го освои ова признание.

Паје го постигна својот гол во четвртфиналето на Конференциската лига против ПАОК. Ришарлисон го постигна најубавиот гол на Мундијалот против Србија со „ножички“, додека Олекси, кој е фудбалер со ампутирана нога, играч на Варта Познањ во рамките од полската лига постигна прекрасен гол со „ножички“ на натпреварот против Стал Жешов.

НАЈДОБАР ТРЕНЕР ВО МАШКА И ЖЕНСКА КОНКУРЕНЦИЈА

Трите конкурентки за оваа награда беа Соња Бомпастор која на женскиот тим на Лион му ја донесе осмата титула во Лигата на шампионите, Пиа Сундхејџ која со Бразил ја освои Копа Америка и победничката Сарина Вајгман која ја предводеше Англија до титулата на Европското првенство. За Вајгман ова беше трето вакво признание во кариерата.

Во машка конкуренција тука беа Лионел Скалони, Карло Анчелоти од Реал Мадрид и Пеп Гвардиола од Манчестер сити. Интересно е што никој претходно од овие три големи тренерски имиња не ја освоил оваа награда. Заслужено и очекувано за првпат во кариерата најдобар светски тренер во годината според ФИФА стана Аргентинецот Скалони. Секако главна причина е освоената светска титула на Мундијалот во Катар.

НАГРАДА ЗА ФЕР ПЛЕЈ

Наградата за фер плеј на годината апсолутно заслужено заврши во рацете на Грузиецот Лука Лочовили кој е актуелен играч на Кремонезе. Наградата ја освои како признание за брзата реакција со која го спаси живот на противнички фудбалер.

НАВИВАЧИ НА ГОДИНАТА – АРГЕНТИНА

Доделена беше и награда за навивачи на годината, а тука во конкуренција беа, навивачите на Саудиска Арабија, најмногу за славењето по победата против Аргентина на почетокот на Мундијалот, јапонските навивачи кои уште еднаш го воодушевија светот со својата култура и аргентинските кои со денови ја славеа светската титула во Буенос Аирес.

Останати вести