Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова вели дека има план како да ги убеди Грците дека таа има право да вели Македонија за својата држава и дека тоа право има и правна поткрепа.
– Се разбира дека имам план. Планот е градење добрососедски односи. Планот е нудење почит и барање самопочит. И мислам дека како што во политиката треба да се трага по уметноста на можното, ќе го направиме набрзо, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Таа од Охрид посочи дека го почитува Преспанскиот договор, како и оти, „за разлика од други“, го почитува меѓународното право. Истакна дека начинот како ќе го користи името на државата е „лична определба, право што е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори“.
Давкова пред медиумите истакна дека преку разговори ќе ги убедува Грците, дека е во право кога го користи името Македонија наместо уставното име на државата.
За начинот како тоа ќе го спроведува, рече дека има план.
– Мојата прва изјава беше дека нема да одам по светот, дека сакам да се сретнам со соседите и мислам дека ќе го остварам тоа. Се разбира за разговор се потребни сите околу вас и ние немаме друг избор освен да разговараме. Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взаемно да ги надминеме проблемите – истакна Давкова.
По однос предупредувањата од официјална Атина дека не е исклучена можноста од покренување постапка пред Меѓународниот суд во Хаг за непочитувањето на одредбите на Преспанскиот договор, Давкова потсети на претходните пресуди на истиот тој суд што не беа почитувани од Грција.
– Истиот тој меѓународен суд, каде ние бевме со Грција во 2011, пресуди во однос на кршењето на членот 11 од Времената спогодба. Тоа е исто меѓународен договор. Не верувам дека веднаш ќе се оди на суд. Има градација во Преспанскиот договор. Прво се укажува, се разговара, се адресира прашањето до ОН па потоа се оди на суд. Пресудите на судот треба да важат ерга омнес, но тоа не се случи во нашиот случај – истакна претседателката Давкова.