Многумина ја пофалија одлуката на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова да не го изговори зборот „Северна“ во свечената заклетва, други пак остро ја критикуваа. Грчката амбасадорка дури ја напушти инаугуративната седница по насоки на грчкото МНР, по што уследија и првите реакции од Атина, но и од Брисел во кои се предупредува дека Преспанскиот договор мора доследно да се применува.
Но, во Изборниот законик си пишува „Република Македонија“ иако неговите последни измени беа донесени пред два месеца. Во членот 123 на ИЗ е наведена свечената изјава која во Собранието треба да ја даде новиот шеф на државата и таму буквално пишува вака:
„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија”.
Намерно или ненамерно „се протнало“ старото име на државата, покрај сите прилагодувања на закони и брусења на шахти. Професорката по уставно право и политички систем Тања Каракамишева вели дека Сиљановска Давкова постапила онака како што налага Изборниот законик. Поинаку, вели, и не може.
Од друга страна некои правници велат дека свечената изјава била нелегална во однос на Уставот, па оттаму и ништовна!? Министерот за правда Лога побара дури претседателската функција да ја преземе собранискиот спикер (како во случај на пропаднати избори).
Фактите говорат дека:
– изборот за претседател на Гордана Сиљановска Давкова е легален и легитимен. Тоа го утврди ДИК. Давањето свечена изјава е церемонијален дел на инаугурација и не може да го поништи изборот;
-досега Уставен суд воопшто не донел било каква санкција за член 123 од ИЗ и тој е таков каков што е;
-текстот на Свечената изјава што го потпиша Сиљановска Давкова е со „Северна“ и
-дебатата за (не)употребата на „Северна“ е промашена бидејќи таа не рече ниту „Република“ туку просто „Македонија“. Точно како што изјавуваше во кампањата, зашто нема потреба да прави дистинкција со некоја друга држава со слично име – таква нема.
Впрочем се сеќаваме дека и поранешниот собраниски спикер Таљат Џафери, при неговото назначување за претседател на Собранието во 2020 година, ја прочита свечената изјава без да го спомне „тоа на С“, туку се заколна дека ќе ги почитува „Уставот и законите на Република Македонија“.
Професорката Мирјана Најчевска имаше најтехничко објаснување: Гордана Сиљановска го нема прекршено договорот од Преспа зашто во моментот кога ја даваше заклетвата таа не беше претседател и во тој момент таа се уште потпаѓа под членот 7. Од моментот на инаугурацијата па натаму таа мора да го употребува официјалното име, смета Најчевска.