Скопје минатиот викенд потона во ѓубре. Камионите на “Комунална хигиена“ не излегуваа да го собираат сметот поради бунт. Причината за прекинот на работата, како што посочија, се отказите што ги добиле триесетина од вработените. Бараа оставка од директорката. Освен тоа, искажаа и барања за повисоки плати, исплата на регрес за годишен одмор и бенефициран стаж.
Директорката Косана Мазнева и градоначалничката Данела Арсовска тврдеа дека се работи за мал дел од вработените кои го со закани и уцени влијаеле врз колегите бидејќи им биле откјриени “мафијашките работи“.
– Десетина денови пред бунтот беа доделени отказни решенија и кривични пријави против над 30 вработени кои го држеле во заложништво јавното претпријатие. Се работи за лица кои над 15 години се постојано во трета смена, за која се добива 35% поголема плата. А нив воопшто ги нема на работа. Откривме дека дел од нив пет години се семејно иселени во Германија и Швајцарија каде возат камиони. А тука им доаѓа платата секој месец како џепарлак. Исто така тие мафијаши си вработувале по 30-40 членови од нивното пошироко семејство во “Комунална хигиена“, на тој начин правеле мрежа за влијание. Јавноста треба да и биде благодарна на директорката Косана Мазнева, една жена која за само 11 месеци откако е на оваа позиција успеа да расчисти со мафијата во ова ЈП. Што правеле сите тие мажи директори кои со децении беа поставувани од разни партии? – праша градоначалничката Данела Арсовска.
Покажа и списоци на кои се гледаше дека навистина има по над 30 лица со презиме Биљали, над 40 со презиме Дарлишта… Со последново презиме бил и водач на синдикатот, кој е еден од оние што добиле отказ.
Арсовска исто така имаше вербална пресметка и со градоначалниците на скопските општини од ВМРО-ДПМНЕ, како и со нивниот партиски лидер Христијан Мицкоски. Тие ја обвинија Арсовска дека е неспособна и дека поради неа настанал хаосот со сметот во Скопје.
– Предупредивме дека ќе излезат стаорци покрај сметот. Ете, се покажа дека најголемото ѓубре се ваквите политичари од ВМРО-ДПМНЕ кои прават смут и лажат, рече Арсовска.
На ова од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека карактерот на скопската градоначалничка е ѓубре а за неа треба да се побара психијатриско мислење дали е деловно способна.
Скопските градоначалници во меѓувреме побараа помош од колегите од Велес, Штип, Петровец и Илинден, од каде позајмија сметларски камиони за да ги чистат своите општини.
Конбечно, по три дена трупање на сметот полицијата ги растури оние кои го имаа блокирано влезот на “Комунална хигиена“, па се покажа дека половината воопшто и не се од вработените. Екипите и камионите излегоа да го собираат сметот и ќе треба неколку дена за да се нормализира состојбата.
Вработените веќе добиле покачување на платата и К-15. Од оние кои го блокираа работењето 27 дополнително добија откази.