Поранешните функционери се осомничени за злоупотреба на службената положба, додека други лица се под истрага за перење на пари
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција “воскресна“ две истраги (едната од 2013, другата од 2016) и под заеднички наслов “Феникс“ објави дека почнало постапка против 14 лица од Македонија и едно од Италија, како и против седум фирми од кои 3 се италијански.
Се работи за две криминални дела: злоупотреба на службената положба и за перење на пари а во врска со 11 споменици од проектот “Скопје 2014“.
Истрагата за случајот „Феникс“ се однесува на првите и најскапи споменици од проектот „Скопје 2014“: „Воинот на коњ“, лавовите – архаични и класични на мостот “Гоце Делчев“, спомениците “Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџиите“, „Јустинијан“, „Прво заседание на АСНОМ“ и „Основачи на ТМРО“. Осомничени во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер и министер за финансии во неговата Влада Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни – градоначалниците на општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на општина Центар, Владимир Здравев.
На скопскиот ародром беше уапсен поранешниот градоначалник на Општина Центар, воедно и сопственик на синџирот супермаркети “Тинекс“ – Владимир Тодоровиќ кој се враќал од Хрватска. А на излез од Македонија, на преминот Табановце уапсен е поранешниот претседавач на Советот на Центар, Владимир Здравев.
По барање на Обвинителството судија на претходна постапка определи домашен притвор за Владимир Тодоровиќ и Тодор Делјановски додека 30-дневен ефективен притвор им е изречен на браќата Владимир и Александар Здравев, Љупчо Бакев и Игор Секуловски. За второ и третоосомничените Зоран Ставрески и Елизабета Канческа се бара одземање на патната исправа. Едно осомничено лице е во бегство. Обвинителството пoбара и замрзнување на сметки и имоти, како и удели во компании.
Кривичните дела кои се под истрага во “Феникс“ се сторени од 2007 до 2013 година, периодот кога се спроведувани јавните набавки за предметите споменици, рече обвинителот Љубомир Лапе кој уште во СЈО ги имаше во работа овие истраги.
Обвинителот кажа дека за проектот “Скопје 2014“ не постои писмен документ, одлука, проект или програма на надлежен државен орган. Груевски и Ставрески умислено планирале и предлагале закони за донесување буџет во кои имало „однапред планирана неправилна распределба на средства“. Тие предлагале, донесувале и потпишувале незаконски владини одлуки со кои директно или преку Министерството за култура трансферирале средства во Општина Центар и со тоа ја нарушиле поделбата на власта на законодавна и извршна.
Осомничените, заобиколувајќи го Собранието, обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски префрлиле на сметката на општина Центар вкупен износ од 57.7 милиони евра (А$94.5 милиони).
Осомничените дејствувале како група и практично скриле дека парите што ги уплаќаат не се легални „и ја прикриле нивната локација, движење и сопственост“. Тие склучувале противзаконски тендери со фирми за избор на леарница. Прифатиле нереални цени од фирми што не ги исполнувале условите и немале целосни понуди, а ги отфрлале останатите.
– Еве еден пример како се дувала цената на договорен тендер а потоа парите се “делеле“. Еден од спомениците тендерски имал цена од 4.7 милиони евра. Толку биле уплатени во Италија, но вистинската цена за леење била 2.3 милиона, кажа обвинителот Лапе и потенцираше дека во сета работа им помагал италијански државјанин, кој е осомничен и кој е клучниот лик, преку кој подоцна се переле пари.
Од Општина Центар кон две осомничени фирми што ги управувал осмоосомничениот Италијанец легнале над 16 милиони евра. Потоа тој ги подигал во готовина од неговите фирми.
Друг дел од парите „биле свртени“ во Македонија за бидат помешани со легалните приходи. Од 2008 година до 2009 година, од Фиренца, Италијанецот, преку две фирми со кои управувал, во неколку наврати, преку банкарски трансакции за фиктивни фактури, директно на фирма во Македонија упатил над 177 илјади евра. Овие пари од сметката на фирмата биле подигнати во готовина и му биле предадени на еден од осомничените.
Друг дел од парите бил префрлен на сметките на други фирми. Оттаму повторно биле подигнати во готовина и му биле предадени на еден од осомничените. Тоа се повторило и од 2009 година до 2010 година. Од Фиренца, преку друга странска држава, во Скопје, осмоосомничениот Италијанец, со фиктивни фактури уплаќал пари за консултантски услуги, во повеќе наврати. Така пренел и ги пуштил во оптек над 327 илјади евра.
Четвртоосомничениот Владимир Здравев, според Обвинителството, создал група за перење пари, на која ѝ се придружиле седуммина осомничени, како и други луѓе.
– Преку офшор-компании создал мрежа на новоформирани правни лица, и тоа три македонски правни лица и едно правно лице во странство, чии управители се опфатени во оваа постапка, и преку кои во повеќе наврати примиле и пуштиле во оптек пари од поголема вредност, кои потекнуваат од казнени дела, кажа обвинителот Лапе.
Владимир Здравев, кој е сопственик на хотелот “Солун“ во Скопје, пред неколку години отвори бутик-хотел и во Трст.
Од СДСМ рекоа дека случајот “Феникс“ покажал оти ВМРО-ДПМНЕ, како поранешна партија на власт, стои зад криминалот под превезот на како што велат, таканаречениот патриотизам.
„Ова е уште еден доказ дека ‘Скопје 2014’ е мегакриминален проект чија реализација имаше за цел богатење на одредена група луѓе околу Груевски. Замислете, група од ДПМНЕ перела пари преку грбот на македонскиот народ, но и преку грбот на великанот Гоце Делчев, преку Александар Македонски, преку Цар Самоил, преку гемиџиите. Дали по овој случај Христијан Мицкоски ќе поднесе оставка затоа што е лидер на криминална партија за чии функционери постојано се отвораат предмети за сторен криминал?“ – порачаа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека со случајот се дефокусира јавноста од криминалите на владејачката коалиција.
„Обидите да се дефокусираат криминалот и корупцијата на власта на ДУИ и СДС со вадење од нафталин теми од пред 10 или 15 години нема да им помогне ниту на СДС, ниту на Ковачевски. Тоа што молчат за бизнисите на Груби, Ахмети, но и за своите луѓе само покажува колку се лицемерни, а во исто време очајни и полтронски поставени пред нивниот поголем партер во владата. Јавноста од СДС и Ковачевски очекуваше став за криминалот на актуелната власт, за црната листа во која се најде нивниот коалициски партнер Мерко, како се купува трговски центар без ниту еден денар, каде е Ден Дончев со чантата во која ставаше куп пари, како роднините на функционерите стануваат сопственици на електроенергетски компании, стануваат милионери или добиваат земја, деловни објекти и хотели по ниски цени“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски: „Скопје 2014“ е создавано со љубов
Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е првоосомничен во новообјавената истрага за дел од проектот „Скопје 2014“ се огласи од Будимпешта, каде одамна е избеган и има азил, со свое видување за истрагата. На својот фејсбук-профил напиша дека истрагата со кодно име „Феникс“ е резултат на исплашеност на политичари на чело со поренашниот премиер Зоран Заев и вели уште дека спомениците и проектот биле создавани со љубов.
Во делот од фејсбук-статусот на Груевски кој директно се однесува на истрага „Феникс“ тој вели:
“Правосудниот систем на власта е претворен во инструмент и алатка за дефокусирање од криминалите на поединци од власта и за политичка елиминација на политичките неистомисленици, а во прв ред оние во кои народот има некаква доверба, пре се заради страв.
Така денеска обвинителството соопштило дека од 2016 година, односно 7 години води некаква истрага која не е им била завршена, а од наративот на обвинителот и нема најава дека брзо ќе заврши…
Зад оваа постапка стојат исплашени политичари, на чело со Заев кој и понатаму има огромно влијание во правосудниот систем и нему блиски луѓе од политиката, од неговата партија СДСМ, но и од други партии.
Токму заради тоа влијание тој и си дозволува правосудството да го користи освен во политички и во криминални бизнис цели и активности.
Исплашените политичари имаат причина да бидат исплашени. Премногу зло направија и се уште прават убедени дека така вечно ќе просперираат.
Нема!!!
… Замислете со какво нелогично, недемократско, незаконско и глупаво образложение ги ставиле политичките опоненти на листата на осомничени.
Образложиле дека со својата политичка моќ влијаеле владата како колективен орган да предложи и парламентот со колективна одлука да донесе закон за Буџет, од кој произлегува законската можност подоцна со која со одлука на владата повторно како колективен орган, одредени парични средства да се дадат на располагање на општините за изградба на спомен обележја во општините.
Не постои држава во светот во која некој функционер кој предложил некоја идеја, зад која застанало мнозинството во парламентот и донело одлука, а потоа и владата, или како претседавач на седницата на владата потпишал одлука на владата која колективно и без исклучок ја прифатило таа одлука, да биде кривично гонет за злоупотреба на службена должност.
Нема таква земја!…“