30-дневен притвор за двајца осомничени за убиството, првоосомничениот во бегство
На 22-годишниот А.К. и 19-годишната К.Л, кои се осомничени во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот (27) во Скопје им е определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и влијание и попречување на истрагата. По 28-годишниот А.Ѓ., кој е првоосомничен за смртното претепување на ракометарот, полицијата се уште трага.
Сите тие се осомничени за тепачка со смртни последици и за непружање помош.
Според снимките од безбедносна камера на “Сејф сити“, поставена наспроти влезот на ноќниот клуб “Привилиџ“, целиот настан трае само две-три минути. Прво се гледа како да има некаква усмена препирка помеѓу Денис Тот и неколку лица кои влегуваат во такси-возило пред влезот на ноќнот клуб (сведоци тврдат дека ракометарот дофрлал на девојката). Од групата кај таксито се издвојува лице во светло палто кое набрзина му удира два бокса на ракометарот од Хрватска по што тој веднап паѓа како покосен. Веднаш потоа девојката К.Л. дотрчува и го удира паднатиот со нога во главата. Крај паднатиот и неподвижен Тот има едно лице кое во неколку наврати ја спречува девојката што упорно се обидува повторно да го клоцне по главата. На крајот девојката седнува во таксито, а тепачот и третото лице клекнуваат покрај паднатиот во обид да видат како му е. Сфаќаат дека е во бесознание по што тепачот, кревајќи ја раката во стилот “ама што сака нека му е“, седнува во таксито и сите тројца (сега обвинети) заминуваат.
Итна помош повикал вработен во ноќниот клуб која го пренесува настраданиот Тот во Клиничкиот центар.
Тука клучно е прашањето дали тие добиле информација дека имало тепачка.
Во првичните извештаи медицинските извори од Клиниката и од Итната помош тврдеа дека не виделе траги од насилство и сметаа оти смртта е природна – од срцев удар. А модринките, потечениот череп и прегризаниот јазик се последица од падот при инфарктот.
Настанот предизвика многу бура во јавноста бидејќи вистината за постоењето тепачка со смртни последици веднаш проструи, како во Македонија така и во Хрватска. Така што првичните убедувања од медицинските извори дека смртта е природна (во што првично бил убеден и братот на Тот кој повика да не се шират лаги) предизвикаа сомневање оти имало обид да се сокрие ова убиство.
Додека МВР го бара првоосомничениот, Министерството за здравство ќе утврдува евентуални пропусти при приемот и третманот на младиот ракометар, особено по првичната информација од Клиниката дека кај него немало видливи траги на насилство. Се проверува Итната помош, Ургентниот центар и Клиниката за анестезија, реанимација и лекување (КАРИЛ).
Од Клиниката ги осудија сите шпекулации и велат дека Тот бил примен рано утрото на 7 април во Ургентниот центар без срцева акција, но и без видливи повреди. Дежурните лекари по получасовните обиди за реанимација воспоставиле срцева акција и направиле компјутерска томографија на целото тело. Но некаде во вечерните часови било прогласено дека е починат.
„Глобалниот оток на мозокот што е констатиран на томографијата може да биде од повеќе различни причини, а една од нив е недостатокот на кислород во мозокот и враќањето во живот кое траело половина час. Телото без видливи надворешни знаци на насилство и поради нејаснотии за причината за смртта беше предадено на Институтот за судска медицина за да се направи обдукција и да се расветли причината зошто настанал прекин на работата на срцето и што е точно причината за глобалниот едем на мозокот и смртта“ – стои во соопштението од КАРИЛ.
Снимките од камерата на безбедносните камери поставени низ целиот град (“Сејф-сити“) се покажаа како најдрагоцени за истрагата.
Десетина луѓе го гледале настанот, но никој не се обидел да ги спречи или некако да реагира.
– Дејствијата се јасно видливи на камерата од клубот. Има и други лица очевидци, кои нe учествуваат вo настанот на никаков начин. Дури кога гледаат дека тој останува да лежи неподвижен, пoчнуваат му даваат помош, масажа на срце… Мислам дека воопшто немаше намера да се прикрие настанот. Само сплет на околности односно лоша медицинска проценка и стојам на тоa, објаснува шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.
Од снимката се гледа дека двајца од осомничените кога сфатиле дека Тот е без свест се обиделе да му дадат помош, но кога виделе дека не реагира – брзо заминале.
Како што е познато, лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош, по што сега починатиот бил пренесен во Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.