Снимка од движењето на возилата отвора нови дилеми околу грабнувањето и убиството на Вања

Ако е точен временскиот код кој што го дава камерата во снимката која ја објави „Портал Икс“, возилото со кое била киднапирана Вања било запалено уште пред 10 часот.

На видеото од еден каменолом на патот Визбегово-Бразда, во 7:55 часот се гледаат двете возила кои полицијата ги поврза со убиствата – синиот „ситроен“ и белото „рено кангу“. Во „ситроенот“ се превезуваат две лица, а во багажникот може да се забележи бел елемент кој би можел да биде вреќа (за спиење?) во која била грабната Вања. Пред него се движи автомобилот „рено кангу“.

Друга камера од истиот објект во 9:37 часот регистрира облак од чад во атарот на селото Бразда, каде наводно бил најден и запалениот „ситроен“.

Ваквиот временски редослед само делумно се совпаѓа со информациите кои МВР тврди дека ги добило од уапсените лица иако има и делови кои се прилично нелогични и не се поклопуваат.

Ако видео-снимките покажуваат дека возилото е запалено околу 9 и пол, а Вања е убиена претходно, станува прилично јасно дека киднаперите не можело да ги фати паника за да го извршат убиството бидејќи пред 9 часот за исчезнувањето на Вања јавноста не знаеше ништо. Случајот во полиција мајката го пријавува во 8:35, а на социјалните мрежи пишува речиси 4 часа подоцна.

Според верзијата на МВР, Вања била убиена околу 10 часот, а имаат и снимка од бензинска станица на која што се гледа како осомничените купуваат бензин. Кога е направена оваа снимка МВР не открива, но фактот дека автомобилот гори во 9 ипол јасно кажува дека горивото мора да било купено претходно, што е уште една индиција дека убијците воопшто не делувале во паника туку имале добро разработен план.

Зошто ја избрале Вања, зошто ја убиле за 1 час откако ја киднапирале ако сакале да бараат откуп и зошто никогаш не го побарале? Како е можно возило на исчезнато лице да се движи по улиците а полицијата да не го најде речиси една недела и тоа во време кога поради самитот на ОБСЕ безбедноста беше на највисоко ниво? Сите овие прашања до овој момент немаат одговор од надлежните.

Министерот Спасовски не е расположен да открие повеќе детали од она што го кажа на прес-конференцијата во Обвинителството.

Запаленото возило полицијата го нашла на 1 декември, телата два дена подоцна

Запалената украдена кола „ситроен“ на убиениот Панче Жежовски полицијата ја нашла на 1 декември. Телата на Вања и Панче два дена  подоцна, односно на трети декември. Според МВР и ОЈО телата биле пронајдени откако локациите биле посочени од двајца сега осомничени. А наводно според остатоци на ДНК во запалениот автомобил направен е пробив во истрагата.

Автомобилот на 74-годишниот Панче Жежовски беше запален во близина на селските гробишта, црквата и на само 500 метри од главниот пат кој води до село Глуво. Локацијата каде е запален автомобилот не е тешко достапна, бидејќи улицата која е половично асфалтирана поминува покрај каменоломот, но има и куќи во непосредна близина.

Локацијата, каде што пак полицијата го нашла телото на Вања е во истиот регион, односно на околу 300 метри воздушно.

Останати вести