Советот на Скопје му даде А$370,000 помош на ФК Вардар, гардоначалникот Арсовска бара да се врати во сопственост на градот!

Советот на Град Скопје му изгласа финансиска помош на најтрофејниот македонски клуб Вардар од 15 милиони денари (А$3270 илјади).

Вардар од поодамна се гуши во финансиски проблеми, уште во последните години од владеењето на бившиот газда Сергеј Самсоненко, а беспарицата ги оптоварува и актуелните газди кои го преземаа лани клубот.

Безмалку еден час траеше расправата за финансиската помош на црвено-црните, кои сега ќе добијат пари за да ги подмират долговите што се наталожија, а фудбалерите да се сконцентрираат да ја завршат победнички есенската полусезона.

– Да, изгласана е финансиска помош за ФК Вардар кој сепак е приватен клуб, но предлогот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан, што значи гласаа и советници од СДСМ, изјави Трајко Славевски, претседателот на Советот на град Скопје.

Градоначалникот Данела Арсовска побара системско трајно решение за Вардар и во идната 2023 година клубот пак да се врати во сопственост и под капата на градот Скопје. Таа посочи дека помошта од А$370,000 не е ништо, туку за помош на Вардар побара комплетна ревизија на работењето, вклучување и на финансиската полиција и другите институции, со цел да се утврди комплетната фактичка состојба и да се изнајде начин како сè да се расчисти и црвено-црните да се вратат под капата на градот.

Вардар во 2011 година беше сопственост на градот, а потоа му беше предаден на Сергеј Самсоненко, кој официјално ланското лето се откажа од клубот по неколку турбулентни години со беспарица, па сосе долгови го презема „Блус Скај Инвестмент“, но македонскиот великан остана заглавен во милионските долгови што му се наталожија во изминатиов период.

Вардар моментно е втор на табелата во Втората лига по ремито 1:1 со Беласица, еден бод зад лидерот Гостивар. Првите две места во второлигашката конкуренција водат директно во Првата лига.

Останати вести