„Сомнително лице“ на Водно: Кој ја шпионира претседателката?

Аферата со наводно шпионирање во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова полека го губи интензитетот и најверојатно ќе замине во заборав, иако неколку дена минатата недела беше топ-тема во земјата. Но Македонија, како членка на НАТО, има огромна одговорност кога е во прашање сопствената и безбедноста на земјите членки на НАТО. Овој случај мора да добие завршница зашто во прашање е авторитетот на земјата и институциите.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција деновиве објави дека од декември лани води предистрага по сомнеж за можна шпионажа и неовластено извлекување податоци од компјутерскиот систем во Кабинетот на Претседателката на Републиката. Според информациите од ОЈОГОКК, до него била доставена анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се тврди дека доверливи податоци биле копирани и енкриптирани од страна на вработен ИТ-администратор во Кабинетот, со сомнеж дека можеле да завршат кај странски разузнавачки служби. Во пријавата спомнуваат и други функционери од Кабинетот и од Агенција за разузнавање, за кои постојат сомнежи дека можеби учествувале во прикривање докази.

ОЈОГОКК побарало од МВР форензичко вештачење на електронските уреди, проверка на видеонадзор, ВПН-записи, електронска комуникација и евентуално компромитирани класифицирани информации и НАТО-комуникации. Ама, до ден-денес нема одговор.

Во меѓувреме осомничениот вработен ИТ-администратор е отпуштен, а одземени му се компјутер и два мобилни телефона.

Она што во овој случај го проширува случајот е тоа што ОЈОГОКК сè уште не може да обезбеди копии од снимките од безбедносните камери, иако ги барало и кај претседателката и од владината Служба за општи и заеднички работи. Од кај претседателката одговориле дека немаат копии од видеонадзорот, со образложение дека опремата била набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР. Од СОЗР, пак, им кажале дека немаат никакви снимки и дека тие само ја набавиле опремата. Сепак, Министерството за внатрешни работи уште нема пратено известување за копии од видеонадзорот.

Последната комуникација помеѓу ОЈОГОКК и МВР е од 25 март годинава.

Абази само создава паника, тоа е „шпионскиот талог“ од минатите структури

За премиерот Христијан Мицкоски сомнежите на ОЈО ГОКК за наводна шпионска афера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова потекнуваат од како што вели „шпионски талог на општеството“ – структури кои во минатото се наоѓале во кабинетите на поранешните политичари, а Обвинителството на чело со обвинителот Ислам Абази создавал паника во јавноста дека нешто се случувало.

– Тоа е шпионски талог на општеството, структури од минатото коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели, премиери итн. и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Се разбира, таму е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би ги коментирал овие глодари затоа што мислам дека треба да ги заборавиме, изјави Мицкоски.

Сиљановска-Давкова е шокирана од насловите за „шпионска афера“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од една страна негира, а од друга потврдува дека има таков случај. Таа во ТВ-интервју рече дека не постои шпионска афера и дека во Кабинетот не постои електронска мрежа на класифицирани податоци. 

– Сите документи од доверлив или строго доверлив карактер ги добивам само јас и тоа во хартиена форма, ги читам, пакувам и ги давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат – државна тајна. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата, рече таа. 

Притоа цинично искоментира дека во такви услови „шпионажата може да биде од балкански тип ‘сомнително лице’ од Нушиќ“, и рече дека „нема тука можност ни за Агата Кристи ни за Џорџ Сименон“.

Но Сиљановска-Давкова истовремено и додаде: 

– Во моментот кога јас дознав дека има укажување за еден од вработените за упад во компјутерот, се јавив во МВР.

Притоа, таа го искритикува Обвинителството зошто го изнело случајот во јавност. 

– Сите дејствија во предистражната постапка се тајна. Како тоа Јавното обвинителство комуницира преку медиуми и раскажува како и на кој начин контактира со Министерството за внатрешни работи?, рече Претседателката.

Останати вести