Со дефиле на 30-ина гајдаџии од цела Македонија на возраст од 5 до 95 години, во петокот вечерта на летната сцена на плоштадот „Александрија“ во Прилеп беше отворен 50-тиот, јубилеен Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Околу 300 изведувачи на изворниот мелос во Прилеп и на Рудина (Долнени) ја презентираа љубовта спрема фолклорните традиции.
Речиси 80-годишниот Здравко Андонов од Ињево, Радовишко, од 16-годишна возраст е со гајдата.
– Многу сакам да свирам на гајда. Сум учествувал на многу фестивали, сум гостувал и во Англија. Овде на Фестивалот „Пеце Атанасовски“ многу ми е убаво. Се дружиме, разменуваме мислења за изворниот мелос. И така треба да биде, рече гајдаџијата Здравко Андонов.
Никола Стојов од Оризари, Кочанско, е млад гајдаџија, ама љубовта спрема изворниот мелос, смета, се наследува.
– Ги гледаме, ги слушаме повозрасните и сакаме да свириме, да ги негуваме и чуваме традициите, вели Стојов.
– Фестивалот е еден од ретките фолклорни фестивали кој може да се пофали со голем јубилеј. Ги негуваме фолклорните традции, а го имаме и Семинарот за изучување на народните инструменти и песни на кој учат млади веќе 13 години. Тоа е наша голема радост и сериозно сме посветени на негувањето, зачувувањето и пренесувањето на помладите на богатиот изворен мелос, рече Горан Василески, претседател на Фестивалот.
