Со законските измени „им скокна цената“на пензионеритево Македонија

Со законските измени за работно ангажирање лица, кои стапија на сила на почетокот од годинава, се очекува околу 16 илјади пензионери и студенти во Републиката легално да бидат вработени. Од Министерството за економија потврдуваат дека системот веќе функционира и дека процедурите за пријавување, одјавување и уплата на придонеси се едноставни и се одвиваат електронски.

Се работи за сезонско ангажирање а работодавецот едноставно ги регистрира онлајн преку апликацијата што ја има на веб-страницата на Агенцијата за вработување. Така пензионерите, студентите, учениците и социјално згрижените отсега ќе можат да работат без да се плашат дека ќе ја изгубат пензијата, стипендијата или социјалната помош. Законските измени сега бараат за секое работно ангажирање на овие категории да се плаќаат целосно придонесите (пензиско и здравствено осигурување плус персонален данок – околу 41% од бруто платата). Досега обврската беше само 10% персонален данок (за договор на дело) со тоа што, на пример, на пензионерите им се запираше исплатата на пензијата (или работеа на црно).

Сега временото ангажирање пензионери е регулирано со овој закон, кој има цел задоволување на потребата од работна сила и намалување на сивата економија. Газдите ќе можат да ги регистрираат пензионерите што веќе работат и да им плаќаат од час, како и да им плаќаат данок на личен доход, придонес за пензиско и за инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување.

За овој тип на ангажирање работници нема потреба од објавување јавен оглас.

Но законските измени поставуваат ограничувања – вака ангажираните работници можат да работат максимум шест месеци во годината односно 15 дена месечно.

– Тоа значи дека доколку сте ангажирале некој пензионер, на пример, бидејќи се работи за сезонско ангажирање, тој може да работи само шест месеци, потоа нема да може да работи. По шест месеци, доколку продолжи да работи, тоа ќе биде на црно. Од друга страна, прашање е дали е уставно да му го ограничуваш тоа право на некој што сака да работи, вели за „Вечер“ Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Тој смета дека поради овие недостатоци овој Закон може да биде пилот-проект што ќе ги покаже добрите и лошите страни, а потоа ќе се измени и дополни со тоа што ќе се тргнат овие ограничувања за периодот на ангажирање.

Експертите коментираат дека пензионерите сега се на цена на пазарот на трудот, бидејќи им се потребни на работодавците поради недостигот на работна сила, а, од друга страна, на пензионерите не им е доволна пензијата. Според податоците на „Евростат“, во Европската унија 13% од пензионерите продолжиле да работат по добивањето пензија.

Останати вести