Полицијата во Сиднеј доби поголеми овластувања во спроведувањето мерки за заклучување и дополнителна воена помош за да го сопре забрзаното ширење на заразната делта варијанта на КОВИД-19.
На оваа одлука и претходи појавата на неколку нови жаришта во градовите ширим Нов Јужен Велс, што ги поттикнува стравувањата за неконтролирано ширење на вирусот. Нов Јужен Велс во сабота регистрираше 466 нови, локално стекнати случаи и четири починати. Најмалку 68 од заразените не биле во карантин додека биле заразни.
Дополнителни 500 припадници на австралиските одбранбени сили, од понеделник, на 16 август и се приклучија на на полицијата на Нов Јужен Велс, во операцијата за обезбедување почитување на правилата, рече премиерката Гладис Береџиклијан, воведувајќи построги ограничувања.
Оние што ја напуштаат пошироката околина на Сиднеј, ќе мора да аплицираат за дозвола. Ограничувањето од 10 километри е намалено на 5 километри, за сите жители на Сиднеј.
Од понеделник 16 август, жителите во 12 општини на локалната самоуправа: Bayside, Blacktown, Burwood, Campbelltown, Canterbury-Bankstown, Cumberland, Fairfield, Georges River, Liverpool, Parramatta, Strathfield и Penrith, ќе може да излезат на отворено само за да вежбаат и да ги надгледуваат децата, при што нема да биде дозволена рекреација на отворено.
Секој што го напушта својот дом ќе мора да носи маска со себе во секое време. Од понеделник на погребите ќе биде дозволено присуство само за 10 лица. Луѓето кои живеат сами сега мора да го регистрираат својот „балон за самци“ на nsw.gov.au.
Казните за прекршување на наредбите за јавно здравје се зголемија на 5000 долари. Бидејќи и по осум недели заклучување, од ден на ден бројот на новозаразени вртоглаво расте, полицијата ќе може да ги застанува граѓаните кои ги користат дупките во рестриктивните мерки за да патуваат надвор од Сиднеј.
И покрај мерките за домашна изолација, дневниот број на заболени во Нов Јужен Велс продолжува да руши рекорди, а во неколку регионални градови се воведени итни заклучувања.
Мораме да разбереме дека ова е најлошата состојба во Нов Јужен Велс од почетокот на пандемијата, предупреди Береџиклијан.
Како што се влошува епидемиолошката состојба се помалку е веројатно декa заклучувањето ќе заврши во Сиднеј на 28 август, како што беше првично планирано.
Брзото ширење на делта варијантата во Нов Јужен Велс и бавното вакцинирање на населението значи дека на Австралија и понатаму и се заканува можноста од нов бран на инфекција.
Само околу 24 проценти од населението постаро од 16 години е целосно вакцинирано и експертите предупредуваат дека Австралија се движи во насока на повторно воведување на заклучување додека не се постигне повисоко ниво на вакцинација.
Владиниот кризен кабинет на НЈВ одобри низа нови мерки во петокот навечер. Според построгите нови правила за заклучување луѓето што ги прекршуваат наредбите за јавно здравје ќе се соочат со казни од 5,000 долари, но ќе се воведе и исплата од 320 долари за жители во жариштата на Сиднеј кои треба да се изолираат дома додека чекаат резултат од тестот за КОВИД-19.
Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мик Фулер и полицискиот министер Дејвид Елиот дадоа предлози за построги мерки. Новите правила ќе забранат патувања до викендички, освен за одржување, а потоа само на едно лице ќе му биде дозволено да присуствува во просториите.
Премиерката Гладис Береџиклијан рече дека побарала од г-дин Фулер да ги прегледа здравствените наредби, не затоа што тие се збунувачки, туку затоа што малцинство наоѓа начини да не ги почитува.
„Луѓето свесно прават погрешна работа и се преправаат дека тоа е затоа што не разбрале“, рече таа.
Во петокот прајминистерот Скот Морисон изјави дека фокусот на земјата мора да остане сузбивање на заразата и вакцинација за излез од пандемијата, бидејќи земјата достигна пресвртница со бројот на целосно имунизирани што стигна до еден на секои четири лица. Општините Кантербери-Банкстаун остануваат епицентарот на заразата, но вирусот продолжува да се прелева во соседните области, при што Блектаун и Монт Друит и соседните предградија се идентификувани како нови области за загриженост.