Толкувања: Договорот за кратко име e остапка или успех?

Сега пакетот не е повеќе 5+1 туку 4+1

Првата средба на премиерот на Бугарија, Кирил Петков, со неговиот домаќин, македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Скопје резултираше со договор околу тоа дека Бугарија го прифаќа краткото име „Северна Македонија“ кое претходно го спореше. Објаснувањето од Софија беше дека со тоа се покажува иредентизам (кон Пиринска Македонија) и дека Бугарија стравува за својот територијален интегритет!? Иако Македонија ни на сон не помислила воено да ја нападне Бугарија, башка што двете држави се во НАТО.

Колку беше апсурдна позицијата на Бугарија покажа коментарот на Бојко Борисов, премиерот во чие време се воспостави тој „страв“.

„Првпат спиев мирно откако разбрав дека братскиот народ на Северна Македонија нема да ја нападне Бугарија со подарените тенкови и нема да има територијални претензии. Нема да ни го земат Банско!?“ – објави Борисов и забележа дека Петков е првиот бугарски државник којшто оди во Македонија, без да положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Надминувањето на проблемот со кусото име на Македонија главно се толкува како прв чекор во решавањето на отворените прашања наметнати од Бугарија. Едни коментираат дека тоа е отстапка од македонска страна, а други дека е отстапка од бугарска страна. Поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров тврди дека отстапката е наша бидејќи со испраќањето на нотата до Обединетите нации сме исполниле барање на спротивната страна а не сме добиле ништо за возврат и со тоа е ослабена нашата преговарачка позиција.

Тој вели дека оваа точка во спорот била лесна за исполнување од македонска страна, но ја држел во пакетот како влог.

– Мојата замисла беше да се договориме со Бугарите за целиот пакет наеднаш. Вака сега нашата позиција е ослабена, тврди Димитров.

Сега пакетот не е повеќе 5+1 туку 4+1.

По се изгледа дека така гледа и бугарската страна. Веднаш штом се врати во Софија премиерот Кирил Петков се пофали дека „се затворило прашање кое Бугарија чекала да биде исполнето цели две години“. Бугарската страна го чекала Димитров да испрати нота во Обединетите нации за која дури не инсистирале јавно да биде објавена, а во која ќе се каже дека зборот Северна Македонија не се однесува на спорниот бугарски дел односно Пиринска Македонија.

При посетата на бугарскиот премиер Петков беше договорено за една недела, односно на 25 јануари да се одржи и заедничка седница на бугарската и македонска влада, на која треба да се формираат работни групи за заеднички проекти, по што секоја наредна недела тие ќе имаат состаноци за забрзување на активностите.

Останати вести