Тошковски: За мобилни телефони ќе се казнуваат и пешаци

Министерот Тошковски најави дека со измените на законот за безбедност во сообраќајот (за ставање во функција на камерите што ќе служат на проектот „Безбеден град“), ќе стапи на сила забрана за употреба на телефони за пешаците и сите оние што управуваат со моторни возила додека се движат.

– Забраната за употреба на електронски уреди при управување со велосипед, мопед, мотоцикл, скутер, трактор и други видови моторни возила стапува на сила со утврдување на соодветни казни. Забрана е предвидена и за пешаците при одење по тротоар, преминување на коловоз, како и при движење по велосипедската патека доколку користат телефон или електронски уреди, рече Тошковски.

Во предлог измените на законот стои дека ако пешакот користи мобилен или смарт часовник додека преминува улица или вело-патека – ќе биде казнет со глоба од 40 евра во денарска противвредност. Казни од 50 евра се предвидени и за велосипедистите кои ќе носат слушалки или ќе зборуваат на мобилен телефон додека возат.

Тошковски рече дека „Безбеден град“ ќе им помогне на граѓаните да се чувствуваат побезбедно на улиците и ќе се спроведува од јануари 2026 година, ама првично само во Скопје, Куманово и Тетово, како и долж коридорите 8 и 10. Оо средината на наредната година би требало да биде покриена и целата територија на државата.

Камерите од „Безеден град“ ќе снимаат булевари и крстосници, помали и поголеми улици. Поминување на црвено и прекумерна брзина ќе бидат главните прекршоци кои ќе се санкционираат преку видео надзорот. Но пред да профункционира „Безеден град“ неопходно е да се изменат неколку закони а за дел од нив постапката е во тек.

Од МВР најавуваат дека дополнително ќе бидат засилени полициските контроли низ целата држава. Со оглед на црните статистики по патиштата ќе се  одземаат возачки дозволи и возила, а ќе има и затворски казни за прекршителите.

Зголемите контроли со камери и казните, како и намалувањето на брзината во градски средини од 40 на 30 километри на час, придонеле во Хелсинки за една година да нема ниту една жртва во сообраќајна несреќа. За разлика од европскиот просек пак, Македонија има двојно повеќе жртви во сообраќјни несреќи, речеси по 150 годишно.

Останати вести