Aмериканскиот претседател Доналд Трамп ја номинираше Кристи Мекормик (Christy McCormick) од Калифорнија за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Македонија. Номинацијата е официјално доставена до Сенатот на САД на 9 ноември 2026 година, соопшти Белата куќа.
По испраќањето на официјалниот предлог од Белата куќа, на ред е сослушувањето и гласањето во Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат. Доколку биде потврдена од Сенатот, таа ќе стапи на чело на дипломатското претставништво на САД во Скопје.
Според нејзината официјална биографија, Мекормик не доаѓа од Стејт департментот. Таа има повеќе од две децении искуство во федералните институции на САД, при што нејзина тесна специјалност е изборното законодавство, заштитата на гласачките права и унапредувањето на изборните системи.
Од декември 2014 до јули 2026 година таа служела како членка (комесар) и претседателка на независната федерална институција – Комисија за изборна помош на САД (EAC). На оваа позиција првично била номинирана од претседателот Барак Обама, а нејзиното назначување било едногласно потврдено од Сенатот.
Мекормик има искуство со работа во американски дипломатски мисии во кризни подрачја. Во периодот 2009–2010 година во Амбасадата на САД во Багдад (Ирак) таа служела како виш правен советник и вршител на должност заменик-координатор за владеење на правото. Како изборен експерт на терен, таа директно го надгледувала спроведувањето на ирачките национални избори и процесот на повторно пребројување на гласовите.
На почетокот на својата кариера (од 1999 до 2006 година), извршувала правосудни и државни функции во сојузната држава Вирџинија.
Во моментов вршител на должноста амбасадор на САД во Македонија е Никол Варнс. Претходната амбасадорка Анџела Агелер беше отповикана од функцијата по три години поминати во Скопје.
Мекормик ќе биде десетти амбасадор на САД во Македонија.