Со многу емоции, солзи и песна во Скопје се одржа втор концерт посветен на доајенот на македонската народна музика, Јонче Христовски (непосредно претходно првиот беше во Битола).
Фолк и забавни пејачи потсетија на дел од творештвото на великанот заедно со битолскиот камерен оркестар „IWConnect“, со кој диригираше на Владимир Димовски. Салата во Македонската опера и балет беше исполнета до последно столче со публика во која поголем процент преовладуваа повозрасните, но имаше и помлади момци и девојки кои уживаа во овој неповторлив музички емотивен спектакл.
Концертот го отвори Пеце – Суперхикс. Облечен во народна носија, со мустаќи како на Јонче. Тој ја испеа „Да ме молат не се женам“, а по него поп-пејачката Агни Авшар ги изведе „Гоце берберот“ и „Куќа имам на Пелистер“. Еден од најемотивните моменти беше изведбата на „Едно име имаме“ од страна на Елена Андоновска. Во салата ечеше рефренот „Едно име имаме во душата го носиме“. Атмосферата остана на исто ниво и со појавувањето на Горан Куќиќ кој со аплауз беше пречекан, а кога се слушнаа првите стихови од „Ај засвирете ми чалгии“, аплаузот не престана до крајот на песната.
Ристо Самарџиев ја изведе песната „Ако умрам ил загинам“, која доби боемски шмек, за како што рече онака каков што беше и Јонче. Песната разбуди емоциите, па Самарџиев дозволи публиката да биде погласна додека тој пееше. На крај заврши со стихот „Песна запејте Јонче спомнете“.
Најемотивниот момент од концертот беше на крајот, кога на сцената се појави Виолета Томовска во придружба на нејзината ќерка Невена. Таа на сцената ја побара и ќерката на Јонче Христовски, која беше во публика а го носи истото име како и нејзината ќерка.

Виолета Томовска раскажа како всушност настанала песната „Македонско девојче“, чиј целосен автор е Јонче Христовски.
„Кога и славевме прв роденден на мојата ќерка Невена, која има исто име како и ќерката на Јонче, тој дојде на роденденот и рече „јас сум со празни раце, ништо не донесов“. Ама колегите кои беа присутни се смешкаа бидејќи знаеа. Тој на роденденот од ќерка ми и ја подари песната „Македонско девојче“, напишана за мојата ќерка“, по овој говор публиката стана на нозе и и подари на Томовска неколку минутен аплауз и овации.
По бурата од емоции, солзи и сеќавања Виолета Томовска ја отпеа „Македонско девојче“ заедно со Невена Христовска.
„Ова се безвременски песни кои ќе ги пеат и идните генерации. Јонче Христовски остави голема трага и како човек во ансамблот „Танец“. Не само што пееше, туку и учествуваше во кореографиите. Тој зад себе остави огромен материјал на староградски песни. Беше многу добар другар. Знаеше на кој интерпретатор да ги подари неговите песни и никому не му наплати за песна. Остави убави пораки во песните за љубовта и животот“, рече Томовска.

За крај „Ој Вардаре македонски“ ја отпеаа сите естради уметници кои вчеравечер пееја на сцената во чест на Христовски. Пеце-Суперхикс, Душко Атанасовски, Ленче и Горан Куќиќ, Елена Андоновска, Агни Авшар, Ристо Самарџиев и Виолета Томовска. Публиката не сакаше да си оди дома. Па на бис додека стоеше публиката и аплаудираше уште еднаш беше отпеана „Македонско девојче“.
Музиката на Јонче два дена по ред обедини неколку генерации, кои на нозе го славеа неговиот живот.
Браво за идејата на Битолскиот камерен оркестар, која дефинитивно треба да се повтори и во другите наши градови.