Три признанија за отец Гаврил Галев: Почит за децении служба во заедницатa 

Архимандритот Гаврил (Галев) доби три признанија за неговиот долгогодишен придонес кон македонската заедница во Австралија

 Во рамките на свечената Илинденска прослава во Мелбурн, во организација на Македонско-австралиската организација на заедницата (MACO), на отец Гаврил Галев, игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинглејк, му беа врачени три признанија како знак на благодарност и почит за неговата повеќедецениска духовна, културна и општествена дејност во македонската заедница во Австралија.

Особено значајно е што признанијата доаѓаат од различни институции и организации, што претставува потврда за широкото признание и почит што ги ужива со неговата долгогодишна работа и посветеност.

Едно од признанијата му беше доделено од Владата на Викторија за неговата 20-годишна работа со македонската младина. Признанието му го врачи Ингрид Стит, министерката за мултикултурни прашања во Владата на Викторија.

Отец Гаврил доби и благодарница за неговиот поширок придонес кон македонската заедница, која му беше доделена од Натали Хатчинс, како и признание во име на Македонската пензионерска федерација во Викторија.

Трите признанија претставуваат потврда дека долгогодишната и пожртвувана служба на отец Гаврил Галев е високо ценета и препознаена не само од македонската заедница, туку и од институциите на австралиската држава. Неговиот ангажман и придонес во зачувувањето и афирмирањето на македонското духовно, културно и национално наследство во Австралија, како и во пренесувањето на македонските вредности на помладите генерации.

На свеченоста признанија добија и Лидија Нешковска и Симе Ацевски, за нивната несебична посветеност и долгогодишен придонес кон македонската заедница во Австралија.

Свечената прослава, одржана во Шелдон Рецепција, ја проследија бројни почесни гости и претставници на политичкиот и општествениот живот во Викторија. Меѓу присутните беа претставниците на Конзулатот на Република Македонија Силвана Ивановска и Али Алиевски, министерките Ингрид Стит, Натали Сулејман и Лили Д’Абрусио, како и парламентарците Бронвен Халпин и Натали Хатчинс.

На настанот присуствуваа и Урош Расиќ, кандидат за Сиденхам, и Пол Линдеман, кандидат за Вилијамстаун.

Во своето обраќање, претседателката на MACO, Лидија Нешковски, истакна дека Илинден останува светилник кој ги поврзува сите Македонци, без разлика дали живеат во Македонија, Австралија, Европа или на другите страни од светот.

Таа нагласи дека македонската заедница во Австралија има света обврска да го зачува националниот идентитет,  македонскиот јазик и традиција и да ги пренесе овие вредности на идните генерации.

Останати вести