Од 4 до 20 години затвор предвидува законот за тешки сообраќајки со смртни последици, но судиите имаат рзлични аршини
Новиот министер за правда, Никола Тупанчевски (професор од Правниот факултет во Скопје) смета дека правдата во Македонија е селективна а не смее да биде така.
– За пример земете ги случаите со сообраќајните несреќи во последно време. Коментарот и на обвинителите и на судиите, но и на јавноста се дека таму нешто не штима, нешто не е во ред. Сите споменуваат дека проблемот е во законот, а како може да биде проблемот таму кога законот за тешки сообраќајки со смртни последици предвидува казни од 4 до 20 години затвор, рече Тупанчевски.
Тој посочи дека главната карактеристика на пресудите за сообраќајните деликти се условните казни и додаде дека мора да се консолидираат сите и да се разгледаат решенијата.
– Реален проблем е невоедначеноста на судските пресуди. Не може за едно исто или слично дело во едно апелационо подрачје да се доделуваат големи казни, а во друго само условни казни, додаде Тупанчески.
Процесот на филтрација на судиите и отстранување на системските проблеми остануваат високо на агендата на Mинистерството за правда.
– Ветингот како процес или филтрацијата може да се направи со постојните капацитети, но и со постојните законски решенија. Единствено треба да се самореактуелизира уште еднаш, да се мотивираат капацитетите кои ги имаме кај нас, да бидат на ниво на задачата која ја имаат според закон. Ветинг како посебен процес нема да има, меѓутоа ќе има дефинитивно следење на состојбите и работата на судиите и проверка на нивната работа и сите околности кои имаат комплеменатрен карактер, а се на линија што се нарекува професионална етика и законито и совесно работење – појасни министерот Тупанчевски.
Според него ќе треба Судскиот совет и Советот на јавни обвинители постојано и во континуитет да ја следат работата на судовите и на обвинителствата и најревносно да ја извршуваат својата задача.