Турнеја низ Македонија на КУД „Македонски Бисери“ од Волонгонг и КУД „Светлост“ од Мелбурн

Официјално започна турнејата низ Македонија на играорците од Австралија, кои ја претставуваат македонската култура и традиција преку КУД „Македонски Бисери“ од Волонгонг и КУД „Светлост“ од Мелбурн.

КУД „Светлост“ е првото македонско културно-уметничко друштво основано во   Викторија, уште во далечната 1960 година. Оваа година ансамблот повторно гостува во Македонија, за првпат по 1991 година. Од друштвото истакнуваат дека оваа турнеја претставува исклучително значаен и горд момент за нивните играорци, кои ќе имаат можност да ја доживеат татковината на своите предци и да го претстават македонскиот фолклор пред публиката – искуство што ќе го паметат целиот живот.

Воедно, ансамблот „Македонски Бисери“ од Волонгонг, основан во 2014 година, веќе повеќе од една деценија успешно ја негува и промовира македонската традиција во Австралија. Со бројни настапи и учества на културни манифестации, ансамблот стана препознатлив амбасадор на македонскиот фолклор меѓу македонската дијаспора.

Турнејата низ Македонија претставува можност овие два ансамбла да ги зацврстат врските со татковината, да разменат искуства со домашните културно-уметнички друштва и преку песната и играта уште еднаш да ја потврдат својата посветеност кон зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик и традиција.

Останати вести