Уапсениот дипломат Миленкоски испрати писмо: “Сакам да ми се суди во Македонија“

Македонскиот дипломат Миле Миленкоски, кој беше уапсен во Србија кон крајот на август по потерница од Ерменија, и испратил писмо преку своето семејство до редакцијата на „Слободен печат“ во кое бара да биде испорачан во Македонија и таму да му се суди.

“Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во МКД. Верувам дека МКД е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на Македонија. Притоа, Македонија би побарала од Република Србија да бидам префрлен во МКД. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов“, пишува Миленкоски.

Според информациите, по барањето за екстрадикција на Миленкоски во Ерменија оваа недела треба да одлучува Апелацискиот суд во Ниш, откако овластен адвокат од Врање го обжалил решението на Вишиот суд во Врање од 22 септември, како причина наведувајќи го „погрешното и непотполно утврдување на фактичката состојба“ во пресудата, како и поради битни повреди на кривичната постапка и погрешната примена на материјалното право.

Дополнително, во настојување Миленкоски наместо во Ерменија, како македонски државјанин и дипломат да биде испорачан во Македонија, адвокат од семејството на Миленкоски до македонското Јавно обвинителство поднел предлог ЈО по службена должност да го обвини Миленкоски за „недозволено преминување на државна граница“, со цел тој од Србија да биде побаран за испорачување во Македонија па, доколку и биде осуден, казната да ја издржува во татковината.

Миленкоски тврди дека не е виновен и дека тоа ќе го покаже истрагата.

“Жалам поради тоа што освен мојот углед, со овој настан беше нарушен и угледот на МНР и на Владата. За ништо на светот не би наштетил на мојата чест и углед, на семејството, на Министерството кое ми даде се во животот, ниту на Владата на Македонија. Бидете уверени дека ни во овој случај нема никаква вина кај мене, ниту прекршок, ни кривично дело, што е случај во целиот мој живот и кариера. Секако, тоа ќе го покаже и истрагата“, се вели во писмото на Миленкоски.

Тој беше уапсен во Врање, а македонската јавност тогаш дозна дека тој во 2019 година бил вмешан во извлекување на македонски државјанин од Ерменија кој бил обвинет за кривично дело таму и на кого требало да му се суди. Во меѓувреме тој бил именуван за заменик шеф на Мисијата на Македонија во ОБСЕ (Виена).

Останати вести