Во истрагата „Адитив“ Обвинителството гони за купувањето неквалитетен јаглен од странство за потребите на РЕК Битола, а сега ја „обработува“ набавкатата на мазут со кој се рестартираше ТЕЦ Неготино
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција покрена истрага по кривична пријава добиена од Антикорупциската комисија и МВР во почетокот на 2024.
По повеќемесечна предистражна постапка спроведена е акцијата што под раководство на јавен обвинител се одвиваше на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево се лишени од слобода 11 лица. Истражната постапка се однесува на вкупно 13 лица и една фирма. Разликата од двајца помалку уапсени е поради тоа што еден веќе е во притвор за предметот „Адитив“ (секторскиот директор во ЕСМ, Ардијан Муча) а друг е во бегство исто за „Адитив“ (екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски). Десет лица се осомничени како созвршители или помагачи сториле кривично дело „Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.
За три лица е одреден притвор: сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, на кои им се ставаат на товар две кривични дела: „Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, а управителот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, е осомничен за кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Првично на Јахоски му беше определен домашен притвор под смени околности: дека има малолетни деца и дека е со нарушено здравје, но по жалба на Обвинителството и тој е испратен во притвор во Шутка.
Во периодот на 2021 – 2023 година Капушевски и Сулкоски, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице а на штета на државниот буџет во вкупен износ од околу 167.549.985 евра.
Во намерата со умисла им помогнале осомничените вработени во АД Електрани на Северна Македонија – Скопје, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ. Со непочитување на начелата на сразмерност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори, иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат Договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут се до 24.02.2023 година.
Посебен правец на истрагата е утврдување каков квалитет бил мазутот кој се увезувал и дали ги задоволувал еколошките критериуми. Постојат сомнежи за големо влијание врз животната средина и здравјето на луѓето бидејќи на почетокот на рестартирањето на ТЕЦ Неготино за да произведува струја од мазут, имаше случаи кога филтрите на погонот се заглавувале од валкан мазут.
Дополнително се истражува дали цистерните испорачувале само мазут или биле дополнувани со вода после што не биле проверувани. Со истрагата се опфатени и неколку возачи.
Корупција на високо ниво
Посебно е интересно како управителот на „Пуцко петрл“ Асмир Јахоски заглави во овој предмет. Имено, тој се товари дека бил посредник за РКМ да ги добие тендерите со ЕСМ: Тоа произлегува од договор за посредување и снекс кон договорот, склучен помеѓу РКМ и Јахоски, кому во два наврата му биле префрлени средства во вкупен износ од 1.2 милиона евра за наводно извршени работи согласно договорот. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ,,позајмица’’ кон своето правно лице „Пуцко петрол“.
Фирмата „Пуцко петрол“ е сопственост на семејството Јахоски од Пласница (наводно од тоа село е и мајката на Али Ахмети). Основач и долгогодишен управител беше Исмаил Јахоски (поранешен градоначалник на Пласница а сега пратеник на ДУИ во Собранието на Македонија во втор мандат). Благодарение на блискоста со ДУИ „Пуцко петрол“ прерасна во голема и моќна фирма. Познато е дека зетот за ќерка на Али Ахмети, Куштрим Смајлајл (со германски пасош) имал заедничка фирма „К.С.А. Интернационал“ со Ерџан Сулкоски, кој работел во „Пуцко петрол“ на Јахоски, а моментално му е партнер на Ратко Капушевски во РКМ.
„Пуцко петрол“ денес ги има бензинските пумпи „Октан“ од кои две во Сарај, понатаму Прилеп, Шуто Оризари, Гази Баба на излезот од Скопје, Кичево, Аеродром, Кисела Вода, Македонски Брод, Карпош и Ново Село.
Јахоски од пред некоја година ги поседува можеби најголемите складишта за нафта и нафтени деривати во земјата на територијата на Кисела Вода, а исто има и големи складишта за гориво во Ижиште. Овие поседи му овозможуваат лесно да добива тендери за набавка на големо на нафта и нафтени деривати. Оваа компанија поседува и цистерни за превоз на гориво.
„Пуцко петрол“ има и градежни апетити, откако за 18 милиони евра го купи земјиштето на поранешната фабрика „Алумина“ во скопско Тафталиџе. Според новиот Детален урбанистички план за оваа парцела, се предвидува да се градат згради кои можат да бидат високи и до 35 метри.
Лани ја купиле и управната зграда на „Бетон“ во Карпош за 5 милиони евра.
Исто така го имаа купено и објектот во Визбегово кој беше скандалозно изнајмен на Лотарија на Македонија.
Освен „Пуцко петрол“, семејството Јахоски има и други фирми кои се водат на име на други членови од потесната фамилија.
Отпадно масло а не мазут
Приказната за Ратко Капушевски е исто така поврзана со политика. Тој беше еден од „ждрепците на ергелето“ на Никола Груевски. Започна како историски најмладиот директор на Националната Агенција за образовни програми и мобилност. Потоа стана директор на спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје. Кога „му досади од државна работа“ премина во приватен сектор – му стана управител на фирмата на Самсоненко која ги гради хотелите на скопскиот плоштад. По кавгата со Самсоненко (кој обвини дека „малиот го измамил и му отворил лажен стечај“), Капушевски ги искористи врските во бизнис-партиските кругови и отвори сопствена фирма со исклучително амбициозни планови.
Фирмата РКМ-Скопје е формирана со дејност трговија на големо со енергенси и нафтени деривати во 2019 година. Но само по три години се пофали дека станала еден од лидерите во регионот.
Регулаторната комисија му ја одзела лиценцата во 2021 година по објавата на документарниот филм „Заговор против воздухот“ на ИРЛ, но му ја вратила кога ги отстранил недостатоците. Набрзо потоа РКМ и ЕСМ склучија два договора, со вкупна вредност од над 112 милиони евра – првиот на 3-ти декември 2021 година, вториот на 18-ти февруари 2022 година за набавка на мазут, во време кога ТЕЦ „Неготино“ стана „ладната резерва“ со која Владата и ЕСМ се обидуваа да ја стабилизираат енергетската криза.
Постои основано сомневање дека лицата инволвирани во синџирот за набавка и дистрибуција на горива со недозволено ниво на сулфур биле заштитувани од одредени центри на моќ. Според ИРЛ, фирмата на Капушевски во најмалку два наврата била фатена како увезува или се обидува да увезе лажно деклариран мазут во Македонија. Првата таква пратка, која доаѓала од Германија, била фатена од страна на хрватските цариници на граничниот премин со Србија, кога тие се посомневале во документацијата што била приложена. Испитувањата на хрватскиот Инспекторат за животна средина покажале дека станува збор за токсичен отпад (масло од трансфоратори смешано со мазут) и дека тарифните броеви биле погрешни. Вториот пат мазут на оваа компанија, кој доаѓал од Словачка, бил испитуван од македонскиот Државен пазарен инспекторат. Анализите покажале дека станува збор за токсичен отпад, а не мазут.
Според документарниот филм на ИРЛ – „Заговор против воздухот“ – дел од мазутот кој РКМ го набавила во 2023 година бил купен од Босна и Херцеговина апак се работело за загадувачко масло кое завршило за загревање на болниците во Македонија. По објавата на документарниот филм следеа серија инспекциски контроли за квалитетот на мазутот, кои констатираа дека станува збор за тешко отпадно масло, а не мазут. Тогаш му беше одземена дозволата на РКМ, но подоцна е вратена.
Само неколку месеци откако ИРЛ го објави документарецот, во РКМ се случува нечуено нелогична прераспределба на сопствеништвото. Ратко Капушевски, како газда на компанија која во тој момент има тендери од 112 милиони евра со државата, продава 65% од својата фирма за само 24.000 евра на лицето Ерџан Сулкоски. Истото лице во 2022 влегува во фирмата „К.С.А. Интернатионал“ заедно со партнерот Куштрим Смајлај (зетот на Али Ахмети). Седиштето на фирмата е во станбена зграда каде простории има „Пуцко Петрол“ на семејството Јахоски во скопски Карпош. Сулкоски инаку работи и во „Пуцко петрол“. Во својата прва година од работењето, „К.С.А. Интернатионал“ успеала да направи приходи од 12 милиони евра и профит од 2.5 милиони.

При полицискиот претрес во домот на Јахоски и канцелариите на „Пуцко петрол“, неговиот татко пратеникот од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, направил вистински хаос – прво одбивал да ги отвори вратите од службените канцеларии повикувајќи се пратеничкиот имунитет. Додека тимот за претрес се подготвувал да влезе за да го спроведе истражното дејствие, истиот се обидел прв да дојде до одредена документација и електронски уреди кои можат да го поврзат со спорните набавки.
Исто така се вели дека во текот на акцијата ситуацијата ескалирала во моментот кога полицијата пронашла сеф со оружје и кеш пари.