Со свечено присуство на челниците на ДУИ во општина Чаир продолжува промената на имиња на улици – деновиве две од нив добија имиња на личности од албанската историјата, а во заборав се турнаа имињата кои чуваа спомен на познати револуционери, комунисти и антифашисти. Промените се базираат на одлуката на Град Скопје од март минатата година. Ќе с еменуваат имињата на 561 улица низ градот ама тогаш беше најавувано дека врз база на спроведена анкета меѓу скопјани, имиња на улици ќе бидат одраз и на урбано Скопје, како – Леб и Сол, Мизар, Лева патика… Квин, Дејвид Боуви… Наивни…
Во Старата скопска чаршија, со присуство на лидерот на ДУИ Али Ахмети, на неговиот близок соработник и прв вицепремиер Артан Груби, како и “домаќинот“ градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу беше откриена таблата со ново име на една од улиците во Чаршијата. „Лазар Танев“ е заменет со „Ушкин Хоти“.
– Името на Укшин Хоти ќе го запаметат илјадници туристи од целиот свет минувајќи по оваа улица низ Старата чаршија, рече гордо градоначалникот.
Една недела претходно беше променето името на уште една улица. „Благоја Паровиќ“ стана „Исмаил Ќемали“. И тогаш беше организирана свеченост во сличен формат. Градоначалникот Ганиу тогаш рече дека станува збор за историски момент за општината и дека Ќемали ќе добие и бронзена статуа.
Градоначалникот Ганиу најави промена на уште 66 улици во Чаир.
Лазар Танев бил истакнат македонски социјалист, борец за работнички права, стар скопјанец од Пајко Мало, роден во 1884 година. Во 1920 година. бил избран за одборник на Црвената скопска општина. Поради ширењето на прогресивни идеи бил прогонуван од полицијата и затворан, а неговата вредна библиотека уништена. Бил ангажиран за решавање на националното прашање, а тајните состаноци главно се одржувале во неговиот дом. Кај него се печателе материјали за Комунистичката партија и во времето на Народно ослободителната борба против бугарската фашистичка окупација. Поради своите заслуги од 1944 до 1945 година ја извршувал функцијата градоначалник на Скопје.
А кој е Ушкин Хоти?
– Тој е визионерскиот идеолог на националната кауза, човекот кој својот живот му го посвети на Косово, рече градоначалникот на Чаир.
Од биографијата на Хоти може да се издвои дека животот го посветил на идејата за осамостојување на Косово, односно во прво време за Косово Република, тогаш во рамките на Југославија, но подоцна се залагал и за обединета Албанија (голема Албанија). Бил професор по меѓународно право и филозофија на Приштинскиот универзитет, го сметале за еден од најважните интелектуалци. Во 1981 година бил осуден на 5 години затвор поради организирање на тогашните големи демонстрации кои започнаа како студентски, од кои се побара Косово да стане република. Бил уапсен и на почетокот на деведесетите години, а потоа во 1994 година, откако поради политички несогласувања го напуштил Демократскиот сојуз на Косово на Ибрахим Ругова, иницирал создавање воружени сили на Косово. Набрзо бил осуден на уште 5 години затвор. Казната ја изржувал во затворот во Ниш, од каде, наводно излегол на 16 мај, во екот на бомбардирењето од авиони на НАТО. Но мистериозно исчезнал и се води меѓу илјадите лица од Косово кои се исчезнати. Познато е и дека имал ангажман и со македонските Албанци, се памети дека присуствувал на митинзите кои биле организирани во 1991 година од тогашните новоформирани партии на Албанците во Тетово.

Што се однесува до улицата „Исмаил Ќемали”,таа до пред една недела го носеше името на Благоја Паровиќ.
Благоја Паровиќ бил интернационален револуционер. Тој за своите идеали се борел на различни фронтови. Имал задача да организира бригада од Југославија за борби во Шпанија под Франко. Загинал во борбите со шпанските фашистички одреди.
Исмаил Ќемали пак, е истакната личност од историјата на Албанија. Тој е првиот премиер и министер во 1912 година на новата држава Албанија. Ќемали е главниот автор на Декларацијата за независност и првиот што го кренал официјално албанското знаме како државно.
Заедничко за личностите кои сега го чуваат споменот преку двете улици во Чаир е дека се значајни за Албанците од каде и да се. Дали во прашање е обид да се турка еднонационалното без да се види подлабоко каде тоа води?
Прашањето е секако до каде може да оди ретуширањето на историјата од Албанците?