Уставниот суд ќе расправа за јазиците, делувањето на ДУИ е политичко дивјаштво

Судии од Венецијанската комисија, домашни професори и експерти, идниот четврток, ќе го кажат своето мислење за спорните правни прашања од Законот за употреба на јазиците. Подготвителната седница ќе се одржи на 20 март во Уставниот суд. Холандскиот судија, д-р Мартин Кујер, кој е и потпретседател на Венецијанската комисија, ќе го образложи пријателскиот совет што судот го побара од нив и треба да биде усвоен од комисијата.

Судијата од Судот за човекови права во Стразбур, Артур Куч, пак, ќе ја образложи праксата на овој суд во слични случаи. Од домашните експерти свое толкување ќе дадат поранешната судијка во овој суд, Маргарита Цаца Николовска, членот на Венецијанската комисија, Рената Дескоска,професорите Борче Давитковски, Јетон Шасивари, Гордана Лажетиќ, Мерсел Биљали, Денис Прешова, Мерсим Максути, Мерит Нуџиа, Нурет Бајрам и судиите Жаклина Доведен и Иван Џолев.

Присутни ќе бидат и подносителите на иницијативата, а професорката Тања Каракамишева ќе има онлајн обраќање. На седницата ќе се зборува само за материјалното право, откако за формалниот дел веќе беше одржана седница. Претседателот на Уставниот суд не ги откри спорните шест прашања, но вели дека ќе се толкува амандманот 5 од Уставот. За него е важно да се чујат сите мислења, а судот да донесе правилна и уставно втемелена одлука.

Од ДУИ испратија соопштение во кое повторуваат дека „расправата за Законот за јазици ќе доведе до политичка и институционална криза“.

Претседателот на Уставниот суд  со индигнација ја отфрли оваа, како што вели, опасна, брутална лага. Прашува до кога овие иницијативи треба да се чуваат во фиока и зошто воопшто постои судот во тој случај? Останува на ставот дека судиите ќе расправаат за ова прашање и очекува тоа да се случи најдоцна до мај или јуни. По подготвителната седница, судијата известител треба да  подготви нов реферат во кој ќе се најдат мислењата од двете седници и да се закаже седницата за одлука на Уствниот суд.

Укажува и дека е крајно време работите да се кажуваат како што се, а државните органи да ги читаат одлуките на Уставниот суд и да го почитуваат нивното толкување.

Останати вести