ФБИ гони две лица од Македонија – со „Трампови долари“ и сертификати станале милионери!

„Инвестирајте веднаш“, „Поддржете го Трамп“, „Вашиот чек вреди 10.000 долари по изборите“. Вака изгледале пораките што со месеци стигнувале до американски граѓани, главно постари луѓе, убедувајќи ги дека купуваат специјални „Trump Bucks“ – наводно поврзани со Доналд Трамп и неговата претседателска кампања.

Но, според американските федерални власти, станува збор за добро организирана интернет-измама зад која стојат двајца македонски државјани од Велес – градот што за време на првата претседателска кампања на Доналд Трамп стекна светска слава по ширењето лажни вести во негова поддршка и го доби епитетот „Трампов Велес“.

Како што деновиве објави скопски „Вечер“, американското Министерство за правда поднело одделни обвиненија против 25-годишниот Горан С. и 39-годишната Кристина Ј. за измама преку интернет, заговор и тешка кражба на идентитет. Двајцата, како што наведуваат властите на САД, се недостапни за тамошната полиција. Според истрагата, од 2023 година до денес тие продавале лажни „Trump dollars“, „златни чекови“, „членски книшки“, „дијамантски долари“, „златни значки“ и други производи што биле претставувани како ексклузивни предмети од т.н. „Trump Rebate Banking System“ или „TRB“.

Во рекламите и електронските пораки се користеле фотографии и пораки со името на Трамп, американски знамиња и патриотска реторика, со цел жртвите да поверуваат дека производите се официјално поврзани со поранешниот американски претседател. Во една од пораките, испратена до потенцијални купувачи, стоело дека „Patriot Eagle“ – еден од производите во шемата – може да се замени за 10.000 долари по изборната победа на Трамп во 2024 година.

„Овој Patriot Eagle не е дел од никаков систем и не ви се потребни други производи за да го замените“, се наведувало во пораката потпишана како изјава од Доналд Трамп. Американските власти велат дека сето тоа било целосна лага.

„Trump Bucks немаат никаква врска со претседателот, со неговата кампања или со Организацијата Трамп“, стои во изјавата на американскиот обвинител за Јужниот округ на Њујорк, Џеј Клејтон, објавена на страницата на министерството за правда на САД. Според него измамата била насочена кон постари лица и кон луѓе кои го поддржуваат Трамп, а осомничените ја злоупотребиле нивната доверба и политичка наклонетост. Жртвите биле убедувани дека купуваат вредни финансиски инструменти, однапред „наполнети“ со десетици или стотици илјади долари, кои подоцна ќе можат да ги наплатат во банки. Во реалноста, производите немале никаква вредност и не можеле да се заменат никаде. Продажбата најчесто се одвивала преку онлајн платформи и преку Telegram, каде што осомничените и други учесници во шемата комуницирале со жртвите.

ФБИ тврди дека со измамата биле извлечени стотици илјади долари од граѓани низ САД.

– Овие странски државјани наводно искористиле лажна поврзаност со администрацијата на претседателот за да украдат стотици илјади долари од Американците, изјави помошник-директорот на ФБИ во Њујорк, Џејмс Барнакл Џуниор. За кривичните дела што им се ставаат на товар, на Горан С. и Кристина Ј. им се заканува казна до 20 години затвор, како и дополнителна задолжителна казна од две години за тешка кражба на идентитет.

Американските власти предупредуваат дека измамата можеби сè уште е активна и ги повикаа граѓаните да не испраќаат пари или лични податоци на лица и организации поврзани со „Trump Bucks“ и „TRB“.

ФБИ бара помош од македонската полиција за интернет измамите

Од Министерството за внатрешни работи за весникот „Вечер“ велат дека прават размена на информации со американските колеги, но засега официјална потерница за обвинетите велешани – нема.

„Во врска со случајот за кој прашувате ве известуваме дека МВР и Обвинителството за организиран криминал и корупција, со координирани дејствија, постапуваа по замолница за меѓународна правна помош од САД, при што обезбедени се информации и податоци кои беа од интерес на тамошната истрага. До овој момент до МВР не е доставено барање за распишување на потерница за лицата, одговараат за скопски „Вечер“ од полицијата.

Министерот Панче Тошковски кажа дека двајца македонски државјани кои се бараат во САД за измама и кражба на идентитет, а се наоѓаат во Македонија.

– Во овој момент не можам да споделам повеќе детали од она што излезе во рамки на медиумите. Во секој случај ние ќе постапиме согласно нашата надлежност доколку се преземат потребните процесни чекори кои што треба да се преземат од страна на државата која што ја напоменавте и од страна на сите останати органи. Така што во делот на МВР, она што е наша надлежност секако дека ќе постапиме онака како што треба да постапиме – изјави Тошковски за „Вечер“.

Тоа што си го дозволува Трамп, не е дозволено никому друг


Семејството Трамп заработило до пет милијарди американски долари од коруптивни активности од почетокот на неговиот втор мандат, стои во досега најобемната новинарска истражувачка сторија на политичкиот билтен „Tangle“.
Американскиот претседател и неговото семејство отворено тргуваат со влијание и услуги во американската администрација. За инвестирање во бизнисите, средствата и кампањите на семејството Трамп се добиваат бенефиции, концесии, профитабилни договори, политички услуги, па дури и помилувања. Самиот Трамп призна дека ова се случува. Тој рече дека „никому не му било гајле“ кога се обидел да го одвои семејниот бизнис од неговата администрација за време на неговиот прв мандат, а сега дури и не се обидува да го прави тоа повеќе.
Можеби најголемиот инструмент за себични услуги на Трамп е неговиот влез во криптовалути. Семејството Трамп ја лансираше крипто компанијата World Liberty Financial во 2024 година, која имаше проценети приходи од 1 милијарда долари до декември 2025 година, повеќе од портфолиото на недвижности на семејството. Додека го промовираше крипто бизнисот на семејството, Трамп ја ублажуваше регулацијата за криптовалутите.
Компанија поврзана со шеикот Тахнун бин Зајед Ал Нахјан, брат на претседателот на Обединетите Арапски Емирати и еден од најмоќните политичари на Блискиот Исток, тајно потпиша договор за 49 проценти од акциите во WLFI, во вредност од 500 милиони американски долари. Кратко откако Трамп ја презеде функцијата, администрацијата го укина безбедносното замрзнување што спречуваше ОАЕ да добијат до 500.000 напредни чипови за вештачка интелигенција на Nvidia.
Само неколку дена пред неговата втора инаугурација, Трамп ја лансираше и својата лична „мемекоин“, $TRUMP. Мемекоините се криптовалути кои се создадени околу онлајн шеги, поп-култура или вирусни трендови. Тие немаат суштинска вредност или технолошка намена, но нивната цена зависи целосно од социјалната „возбуда“. Цената на $TRUMP се зголеми за 300 проценти преку ноќ, достигнувајќи рекордно високо ниво од 74,27 долари на 19 јануари. Денес, меѓутоа, $TRUMP изгуби 97% од својата вредност. Трамп, се разбира, профитираше. „Фајненшл тајмс“ процени дека шемата лично нему му донесе околу 350 милиони долари.
И првата дама Меланија Трамп лансираше свој мемекоин, чија вредност исто така скокна нагло пред масовната распродажба од која таа профитираше, колоквијално позната како „влечење на тепих“. Повеќето луѓе кои купуваа и држеа мемекоин врз основа на возбудата што ја создадоа Трампови, на крајот изгубија поголем дел од своите пари, но креаторите на мемекоинот заработија богатство.
Потоа е тука Катар, кој му подари на Трамп луксузен авион од 400 милиони американски долари за да го користи како Air Force One, а воедно инвестираше и во неговите криптовалути, што кулминираше со профитабилен договор за продажба на американско оружје во вредност од 1,96 милијарди долари во март 2026 година.
Организацијата Трамп го лансираше „Трамп мобајл“, брендиран телефон кој чини 499 американски долари и дополнителни 47.45 долари месечно за тарифата. Организацијата Трамп не произведува телефон ниту обезбедува мобилни услуги. Самиот телефон сè уште не е пуштен во продажба, а мрежата ќе биде управувана од Liberty Mobile Wireless. Трамп го промовира тој бизнис користејќи го претседателството.
Криптовалутите исто така беа средство за договори за quid pro quo. Можеби најочигледниот случај беше поврзан со Џастин Сан, крипто милијардер кој беше под истрага на Комисијата за хартии од вредност (SEC) за измама. Сан купи 75 милиони долари во WLFI во средината на истрагата. Кратко по инвестирањето, SEC ја прекина истрагата и се спогоди со него за казна од 10 милиони долари, значително помалку од очекуваното.
Најеклатантниот пример за помилување е веројатно Тревор Милтон, кој донираше 1.8 милиони долари за кампањата за реизбор на Трамп во 2024 година. Милтон беше прогласен за виновен за измама со хартии од вредност и измама затоа што ги лажеше инвеститорите за речиси секој аспект од технологијата на неговата компанија. Милтон им покажа на инвеститорите видео од наводно функционален електричен камион на неговата компанија, кој всушност само се движеше надолу по рид. По неговата пресуда тој должеше 676 милиони долари отштета. Помилувањето на Трамп ја избриша и таа отштета.

Останати вести