Почнувајќи од 16 август полнолетното население во Македонија ќе може да седне на кафе или ручек во надворешниот дел на угостителски објект, или пак да присуствува на настан во затворено само доколку покаже доказ за примена вакцина (барем првата доза). Министерот Филипче дополнително објави дека во угостителски објекти и на другите локации опфатени со мерките ќе може да влезат и со потврда за прележан ковид, но само првите 45 дена, сметајќи од денот кога оздравеле.
– Тој период е за да поминат неопходните 30 дена по оздарвувањето, 15 тина дена да се организира вакцинацијата. Единствено решение е да се зголеми опфатот со вакцинација, верувам граѓаните ја разбраа пораката за мерките и сакам да им се заблагодарам. Ако граѓаните имаат дилема сакам да ги охрабрам да одат да се вакцинираат, тоа е начинот со којшто ќе постигнеме колективен имунитет, ќе имаме нормален живот, ќе може да функционираме, да живееме, да работиме, да бидеме продуктивни и да ги вратиме назад нашите животи. Доказ за тоа е дека популацијата на вакцинирани граѓани, заболува во исклучително мал процент, изјави министерот Филипче.
По завршувањето на првите 45 дена од прележувањето и за овие граѓани ќе важи дека за влез во објекти треба да приложат серитификат за вакцинација, односно потврда за примена барем прва доза вакцина.
За в хотел нема да треба доказ за вакцинација
Хотелите остануваат да работат со полн капацитет и по 16 август, само со служење пансион, во затворен простор, без потврда за имунизација од ковид-19.
Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажески, изјави:
– Беше прифатено нашето барање, направени се измени и потврда за вакцинација нема да требаат за служење пансион и за над 30 гости од хотелот. Ќе пробаме во најдобар ред да ги почитуваме времените мерки и што побрзо да излеземе од овие лоши времиња.
Инаку бевме затекнати, 16 август е на две недели од крајот на сезоната. Ваквите мерки влијаат психички кај гостите, некои ги откажуваат аранжманите, други пак што планирале да користат летен одмор во некое туристичко место во земјата се најдоа во недоумица, додаде Блажески, нагласувајќи дека семинарите веќе се откажувале.
Смета дека требало порано да се реагира во однос на организирањето поголеми собири, како што беа многубројните забави на охридско-струшката ривиера изминатиот период.
– За поголеми собири требаше да се размисли малку порано. Ефектот е пренесен повеќе на млади лица, овој пат затоа што тие повеќе се групираа на забави. Повозрасните многу повеќе внимаваат, дури и на свадбите го нема поздравувањето со гушкање. И свадбите со внимавање не се толкава опасност, ако се почитуваат протоколите, смета Блажески.