Филмот „Нема да си сама“ на Горан Столевски победи на фестивалот Манхајм-Хајделберг

Филмот „Нема да си сама“ на австралиско-македонскиот режисер Горан Столевски победи на 71. издание на Фестивалот Манхајм-Хајделберг во Германија. Столевски, кој е роден во Македонија, но живее и работи на релација Австралија-Велика Британија освои и 30 илјади евра за најдобар режисер на дебитантски филм.

Во одлуката на жирито стои дека „Нема да си сама“ е „симфониски компонирано ремек-дело на поетска убавина и трогателна моќ“.

„Наградата се доделува на длабоко хуман филм кој ги проширува границите на кинематографијата. Преку неговото прераскажување на митот, филмот нè принудува да ги искусиме прашањата за родот и идентитетот на неочекувани начини“, одлучи жирито.

Дебитантскиот долгометражен филм на Столевски е и австралиски кандидат за најдобар странски филм за Оскар.

По негово сценарио, дејството во филмот се случува во изолирано планинско село во Македонија во 19. век и следи млада вештерка која е оставена сама во шума. Љубопитна како е да се живее како човек, таа случајно убива селанка и го зема нејзиниот облик. Во филмот играат шведската актерка со холивудска кариера Номи Рапас, и македонските глумици Сара Климоска, Верица Недеска и Камка Тоциновски.

На премиера во јануари на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута во САД. Критичарите, како што пренесуваат австралиските медиуми, го споредувале Столевски со реномирани автори како Теренс Малик и Џонатан Глејзер.

По премиерата на Санденс, угледниот холивудски сајт „Вараети“ го вклучи меѓу десеттемина надежни режисери за 2022. Во август излезе неговиот втор филм насловен „Of an Age“ , снимен во Австралија, додека истовремено во Македонија го снимаше неговиот прв македонски филм „Домаќинство за почетници“.

Столевски на Санденс 2018 победи за најдобар краток филм со „Види ја ти неа“, а во 2020 во првиот рок на Конкурсот на Агенцијата за филм беше поддржан со  540 илјади долари за македонското деби „Домаќинство за почетници“ .

Останати вести