„Фокус“: Како Арсовска со навреди и закани ја терала извршната директорка да си оди од ССК?

Неделникот „Фокус“ објави сторија во која посочува оти направиле увид во полицискиот записник во кој се објаснети сите случувања што му претходеле на палењето на автомобилот на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори (ССК), Кристина Стојановиќ. Според записникот, градоначалникот на Град Скопје Данела Арсовска на 12 мај годинава била повикана на разговор во полициска станица за опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на стопански комори, Кристина Стојановиќ.

Во полицискиот записник стои дека градоначалничката Данела Арсовска претходном со навреди и закани по животот ја терала извршната директорка на ССК, Кристина Стојановиќ, да ја напушти функцијата на која беше поставена лани во август, кога Данела се кандидираше за сегашната функција.

Од увидот во самиот полициски записник, пишува неделникот, може да се забележи дека раководството на ССК во октомври покренало ревизија за работењето од таа година (додека Арсовска се уште била претседател), што е главна причина зашто побарала од нив да ги напуштат раководните позиции.

Неделникот “Фокус“ пишува дека Арсовска преку својот близок соработник, Драган Митковски кој е претседател на Сметководствената комора пробала да ја тргне од функција Стојановиќ. Кога не успеала, лани во декември, почнала со телефонски повици и пораки да бара од неа да си замине од ССК заедно со претседателот Трајан Ангеловски поради наводни здравствени причини, а подоцна тоа да кулминира со навреди и закани по живот.

Се почнува со телефонски повици од непознати лица и писма со смртни закани упатени на првите двајца луѓе во бизнис – комората, претседателот Трајан Ангеловски и Кристина Стојановиќ. Раководните структури поминале голгота за целиот овој период, како што велат, исполнет со страшни трауми.

Кон крајот на декември Данела Арсовска и ја испратила следната порака преку апликацијата “Сигнал“ на Кристина Стојановиќ: „Имаш рок до четврток. Фино и културно. Ако не напуштиш, животот пекол ќе ти стане. Ќе ве масакрираме“, се наведува во пораката.

Од понатамошниот дел на пораката може да се сфати дека тој што и ги упатува заканите и дава последна опомена да се повлече од раководното место, со оглед на тоа што не „послушала“ во изминатиот период. 

А, пак, еден месец подоцна, поточно на 26 јануари 2022 година, Арсовска повторно и испратила порака на извршната директорка: „Од тебе порасипано створење во животот не сум видела. Нека ти е среќа“, се наведува во пораката, ја цитира „Фокус“ пораката.

Приказната добива кулминација кога на 25 февруари е подменат пожар на „мерцедесот“ на извршната директорка на паркинг во населбата Аеродром, а три дена пред пожарот добила последна опомена односно заканувачка. Имено на рачката од нејзиниот автомобил Стојановиќ забележала бело ливче хартија, на кое и било напишана заканувачка порака, односно последното предупредување.

За подметнатиот пожар во автомобилот отворен е предмет во Јавното обвинителство, од каде велат дека работат веќе осум месеци на случајот. Кривичната пријава, која моментално се води против непознат сторител, опфаќа две кривични дела: „Загрозување на сигурноста“ според член 144 и „Предизвикување општа опасност“.

Останати вести