Hа најубав начин се прикажaa нашите млади и прекрасни амбасадори на културата што играат во Македонските културно уметнички друштва во Викторија
Оваа година ФОМКУД одбележува 40 години од своето основање, а особено сме горди што оваа година МКУД „Светлост“, која е најстарата македонска културно-уметничка организација во Австралија, слави 65 години негување на нашето културно наследство Во сабота, на 19 јули, во Plenty Ranges Arts and Convention Centre во Саут Моранг, бевме сведоци како нашите млади го негуваат својот културен идентитет додека го славиме еден од најважните денови во нашиот културен календар со огромно историско значење: денот на Илинденското востание од 1903 година.
Со богата програма од пет часа присутните уживаа во настапите на младите чувари на македонскиот фолклор во Австралија кои уште еднаш успешно се претставија со своите песни и ора. На бината можеше да се гледаат настапи на над 400 млади, на возраст од 5 до над 18 години, претставувајќи осум играорни друштва од Мелбурн. Играорците се покажаа во преку 25 настапи, вклучувајќи ора, песни и инструментални изведби во живо.Оваа година дебитираа и играорците на КУД „Света Петка“ од Мил Парк. Сепак, со особено внимание беше настапот на МКУД „Светлост“, која е најстарата културно-уметничка организација во Мелбурн и годинава слави 65 години промовирање и заштита на македонското наследство и култура. За жал недостасуваше настап на КУД “Бисер” од Џилонг, но се надеваме дека следната година повторно ќе земат учество бидејќи постои интерес за обновување на друштвото.
Од 1985 година Федерацијата на македонски културни и уметнички друштва на Викторија (ФОМКУД), ги обединува македонско-австралиските играорни друштва од Мелбурн и Викторија во зачувувањето на она што е најскапоцено од нашата културна градина низ вековите.

Под капата на ФОМКУД се обединети играорните друштва во Викторија: „Светлост”, „Александар III Македонски”, „Никола Карев”, „Гоце Делчев”, „Јане Сандански”, „Танец”, „Илинден”, “Св. Петка”, “Бисер” и “Тоше Проески”. Со порака од организаторите да се видиме повторно следната година, и да продолжиме да ја негуваме Македонската култура во Австралија.




