Фон дер Лајен во Скопје: „Топката е во вашиот двор, уставните измени се единствениот условза почеток на преговорите со ЕУ“

Европската унија (ЕУ) е подготвена за преговори со С Македонија, но топката е во вашиот двор, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по остварените средби со македонскиот државен врв минатата седмица во Скопје.

Бидејќи по средбите, конкретно онаа со премиерот Христијан Мицкоски, не беа предвидени изјави за медиумите, своите пораки Фон дер Лајен ги соопшти преку две објави на платформата Икс. Во едната таа конкретно се осврна на евроинтеграциите на земјата, додека во другата ги најави проектите и придобивките за земјава во рамките на Планот за раст. 

Потврдувајќи ја поддршката на Европската Унија за Северна Македонија на нејзиниот пат кон Унијата Фон дер Лајен вели дека единствениот чекор што треба да го направи Македонија пред почетокот на преговорите е да ја направи договорената промена на Уставот. 

„Ние целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша Фон дер Лајен на „Икс“.

Во меѓувреме, како што напиша претседателката на Европската комисија ЕУ продложува со приближувањето на земјава кон Брисел, преку Планот за раст. 

Таа потврди дека за Македонија ќе се отвори „антена“ за Европската мрежа за вештачка интелигенција, дека земјата се вклучува во Единствената платежна зона на Европа, како и дека од ЕУ добива 16 милиони евра за досега направените реформи.

Премиерот Мицкоски ја истакнал решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Истовремено, тој посочил дека државата очекува од Европската унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и „поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“.

„Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата“, се вели во соопштението на Владата за средбата меѓу Мицкоски и претседателката на Европската комисија.

Останати вести