– Ако Парламентот не сака да учествува или го одбие францускиот предлог, тогаш, вака како што е поставен, предлогот треба да оди на референдум и таму ќе му пресудат граѓаните. Ако францускиот предлог добие поддршка од граѓаните, тогаш тука нема што да се прави. А ако мнозинството гласа „против“, тогаш Владата ќе мора дополнително да преговара со ЕУ, вели Павле Трајанов, пратеник и лидер на Демократски сојуз.
Но, дали воопшто постои можност и колкави се шансите во блиска иднина во Македонија да се спроведе нов референдум, кој ќе ги прибере илјадниците граѓани од улиците и ќе им даде можност својот револт против францускиот предлог да го канализираат на најдемократски начин?
Политичките експерти се со поделени мислења. Едни сметаат дека референдумот за францускиот предлог е најпаметно решение. Други, пак, предупредуваат дека спроведувањето референдум ќе одземе многу време, а крајниот резултат од целата операција, велат тие, може да доведе до непоправлив расцеп во нацијата. Не само на меѓуетнички план, туку и помеѓу Македонците.
Во Словенија или во Швајцарија, на пример, на секои три месеци се одржува референдум за разни прашања, но народот таму има демократска свест.
Само референдум е демократскиот инструмент што е врв на демократијата и посилен од сите државни институции, вели универзитетскиот професор по филозофија, Ферид Мухиќ, во разговор за “Нова Македонија“.
– Станува збор за договор со ЕУ што е обврзувачки и голема, всушност историска е одговорноста за давање македонска согласност за него. Кога Владата веќе ја „голтнала јадицата“ на ЕУ, сега останува тој предлог да се стави на плебисцитарно разгледување и одлучување – вели Мухиќ.
Референдум за францускиот предлог би бил макотрпен и долг процес, но не треба се исклучи како решение, смета директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска.
– Референдумот би бил многу тежок да се организира поради комплексноста на проблемот. Меѓутоа не треба да го заобиколиме кое било решение со оглед на поларизираноста што ја имаме. Нашиот пример покажува дека иако знаеме оти во Европската унија нема гаранции, сепак ние мора да работиме на тоа и со земјите членки – вели Кацарска.

Политикологот Димитар Христов за “Плусинфо“ вели дека на Македонија не ѝ е потребна реприза од претходниот референдум на којшто се одлучуваше за промената на името на државата.
– Не ни треба реприза од претходниот референдум. Нема зошто сега ние воопшто да одиме на референдум и да гласаме за нешто што е крајно понижувачки за македонскиот народ. Македонската влада треба веднаш да го одбие францускиот предлог и така треба да заврши целата приказна. Разочарувањето е преголемо. Оти, ако одиме на референдум, ние практично на тој начин ќе си привлечеме нови проблеми и нови главоболки. Како прво, кој ни гарантира дека нема да се обидат да го фалсификуваат референдумот? Второ, кој ни гарантира дека крајните резултати ќе бидат точни? Трето, некои со сигурност ќе излезат да бојкотираат. Па по објавувањето на резултатите ќе се отвори дебата дали референдумот е успешен или не е успешен, оти некои политички партии ќе ги прифатат резултатите, а некои нема да ги прифатат. Значи, нè очекуваат милиони глупости – вели Христов.
Единственото решение, според нашиот соговорник, е Владата целосно да го отфрли францускиот предлог.
– Ајде малку да се насочиме кон домашните работи. Малку да си ги средиме домашните проблеми како што е справувањето со инфлацијата, обидот за задржување на младите да не бегаат во странство, справувањето со невработреноста, реформите во судството… Па здравје, за некои 5, 8 или 10 години, повторно да го започнеме процесот за членство во ЕУ. И не дека нешто со сигурност ќе се смени на подобро, ама овој француски предлог е навистина многу лош. Со прифаќањето на овој предлог самите на себеси си велиме дека повеќе не постоиме – објаснува Христов.