Македонската Втора лига требаше да почне минатиот викенд, ама нема да стартува зашто фамозната и глупава котизација како хир на актуелното раководство на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) доднесе само седум клуба од вкупно 20 второлигаши да ја платат во цел износ од 8.000 евра, па куќата на фудбалот со закани до денеска бара да се платат парите или тој што нема да плати – нема да игра
Во Македонија одамна важи девизата „плати за да играш“, иако во сиот нормален фудбалски свет за играње фудбал се заработуваат пари, па така во соседна Србија – каде фудбалот не е најсјаен и е оптоварен со корупција, местенки, хаос – за Македонија изгледа како Европа. Фудбалскиот сојуз на Србија деновиве објави дека се поделени 5,5 милиони евра од ТВ-права, од кои секој тамошен второлигаш добил по 25.000 евра.
И сега кој е тука луд? Србите што наместо да си трошат за свој мерак им даваат пари на клубовите или ФФМ со вечните фотелјаши кои сеат магла дека сосема нормално е дека за да се игра фудбал треба да му се плати на организаторот (куќата на фудбалот).
Зашто ако ФСС оди по паметот на ФФМ, парите што се заработуваат од ТВ-права треба да им ги пребијат некаква си фамозна котизација, зашто во минатите две години, од договорот со “Арена Спорт“, кој беше вреден по 150.000 евра од сезона, ФФМ не им делеше пари на клубовите, туку им ги преби со котизацијата, односно прволигашите и второлигашите беа ослободени од такво плаќање.
Денеска е рокот за второлигашите да си ја платат котизацијата, бидејќи само седум клуба од 20 само си ја подмириле обврската, а три платиле делумно. Останатите десет не платиле ни денар. ФФМ им се закани дека ќе прави единствена лига со тие што ќе платат, иако сето тоа е спротивно на правилата, бидејќи една и единствена Втора лига е планирана од идната сезона, а за оваа треба да се играат нормално двете групи, источна и западна.
ФФМ од котизација за 20-те вторлигаши треба да ќари 160.000 евра или нешто над половина од парите што Управниот одбор си ги подели како награда за настапот на Македонија на Европското првенство. Останува да се види колку на крајот ќе платат за да играат и дали после заканите бунтовниците ќе ја свиткаат опашката, ама едно е јасно дека во земјата фудбал се игра само за хонорарите на делегатите, контролорите и судиите.
Дека котизацијата е бесмислена, а божем треба да биде некаква гаранција е фактот што во ерата на ова раководство во кое го нема само бившиот претседател Илчо Ѓорѓиоски, три клуба среде сезона се откажаа од второлигашкото друштво. Почна пред шест години со Хоризонт Турново, па продолжи со Лабуништа кој се расформира кога ФФМ не се потруди никако да помогне среде корона-кризата, а последен беше Вардар Форино кој не ја доигра сезоната.
(Спорт1)