Аргентинецот Матијас Дијас Хернандес е победник на 35. Охридски пливачки маратон што минатата сабота се одржа во водите на Охридското Езеро. Тој патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид ја мина за време од 5 часа, 50 минути, 30 секунди и 5 стотинки.

– Трката беше многу тешка, бидејќи водата беше студена и имаше бранови. Многу сум среќен што победив, рече Хернандес.
Иако на патеката до Трпејца водството го имаше Италијанецот Гетини, Аргентинецот ја презеде трката и ја предводеше истата од Пештани па се до самиот крајот. Хернандес досега неколкупати има учествувано на Охридскиот пливачки маратон, а учесник бил и во Светската серија на ултра маратони, на кои што има освоено еден бронзен медал.

Втор на целта пристигна Франческо Гетини од Италија (5:54:51.2), кој по четврти пат плива на Охридскиот маратон од кои на 32-от беше победник, а на 33-тиот заврши на третото место.
– Секој пат е тешко, долга е трката, на крај имаше бранови и беше тешко. Последниот час беше стварно тежок. Задоволен сум со второто место. Водата не беше многу студена, но сепак беше. Добра трка, многу сум среќен, рече Гетини.

Нашиот Евгениј Поп Ацев пристигна трет на целта (05:21:03), додека по него и вториот учесник од Македонија, Александар Илиевски (6:16:16.3). Инаку, во категоријата мажи се натпреваруваа вкупно осум пливачи: домашните Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев, Арне Фурлан Штулар од Словенија, Франческо Гетини од Италија, Матијас Дијас Хернандес од Аргентина и Сидрит Деску и Арион Будима од Косово, додека единствената девојка на годинашното маратонско издание е аргентинката Рита Ванеса Гарсија.