Ракометарот на РК Бутел, Хрватот Денис Тот, почина по неколкучасовната борба за неговиот живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје.
Тот имаше 27 години и во Македонија играше веќе трета сезона. Оваа му беше прва во Бутел, а претходно две помина во Охрид. Потекнува од Ѓаково, а во кариерата имаше настапувано и за Адемар Леон, во шпанската лига.
Смртта на ракометарот Денис Тот ја потресе спортската јавност, а македонската полиција ја води како убиство. Приведени се две лица за кои постојат видео-снимки дека со уште едно (кое е во бегство) физички го нападнале пред ноќниот клуб “Привилеџ“. Се работи за двајца мажи и една 19-годишна девојка.
Првично од Итната помош тврдеа дека немало траги на насилство, но по спроведената обдукција станало јасно: иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот од нанесените удари.
МВР соопшти дека настанот се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.