Австралиската стартап-компанија Cortical Labsзапочна со развој и изградба на првите биолошки дата-центри кои користат човечки мозочни клетки наместо класични компјутерски процесори. По демонстрацијата дека нивниот систем може да ја извршува и познатата видео игра Doom, компанијата сега најавува проширување и комерцијализација на технологијата.
Овие хибридни компјутерски системи, наречени CL1, комбинираат живи неврони одгледувани во лабораторија со силиконски чипови. Софтверот комуницира директно со клетките во реално време, овозможувајќи им да учат и да се адаптираат на задачи на начин што класичниот хардвер не може да го постигне.
Првиот ваков дата-центар се гради во Мелбурн и ќе содржи околу 120 единици. Паралелно, во Сингапур е планирано проширување до 1.000 единици. Секоја единица содржи приближно 200.000 неврони и располага со систем за одржување во живот кој им овозможува да функционираат до шест месеци.
Главната предност на оваа технологија е нејзината исклучително ниска енергетска потрошувачка, која би можела да стане решение за растечките енергетски барања на вештачката интелигенција. Од компанијата тврдат дека целиот систем троши помалку енергија од обичен џебен калкулатор.
За разлика од класичните АИ-системи кои бараат огромни центри за обработка и сложено ладење, биолошките неврони природно обработуваат информации со минимална енергетска потрошувачка. Ова отвора можност за поодржлива форма на компјутерска технологија.
Во моментов, овие системи не се замена за големите дата–центри на компании како Google или Microsoft, туку се гледаат како специјализирани платформи за задачи што бараат адаптација и препознавање сложени обрасци.
Системот користи биолошки оперативен механизам наречен biOS, кој ја поврзува комуникацијата меѓу софтверот и живите клетки. Доколку тестирањата во Сингапур бидат успешни, технологијата би можела да отвори пат кон нова генерација на „жив хардвер“ во глобалната дигитална инфраструктура.