Ракометниот клуб Вардар ја освои јубилејната 15-та титула на домашната сцена. Со победата над Тиквеш, тимот ја обедини „двојната круна“, а со доделувањето на благодарници на дел од играчите, веќе почна и да се наѕира тимот за следната сезона.
Според досегашните ангажмани и нови договори, Вардар 1961 ќе брои вкупно осум странци во новата сезона. Останатите ќе бидат домашни ракометари со искуство и во репрезентациите и во Лигата на шампионите. Договорите кои беа на истек, со скоро сите од нив се продолжени. Вардар веројатно тука нема да го затвори преодниот рок, затоа што потребен е уште еден лев бек како опција.
Нови потврдени засилувања се Жилберто Дуарте од Монпелје, Божо Анѓелиќ од Ференцварош, Нејц Цехте од Хановер, Павел Андреев од Чеховски Медведи, а исто така во „црвено-црните“ се очекува да се врати и третиот македонски пивот Стефан Атанасовски кој е на позајмица во катарски Ал-Араби.
Составот на РК Вардар сезона 2022/23:
Голмани: Борко Ристовски, Мартин Томовски, Васил Гогов
Лево крило: Тимур Дибиров, Јан Чувара
Десно крило: Гоце Георгиевски, Дарко Ѓукиќ
Лев бек: Филип Талески, Жилберто Дуарте
Среден бек: Мартин Карапалевски, Божо Анѓелиќ, Анте Гаџа, Марко Мишевски
Десен бек: Куни Моралес, Нејц Цехте, Давид Савревски
Кружен напаѓач: Столе Стоилов, Павел Андреев, Стефан Атанасовски
Од тимот кој играше оваа година, официјално си заминуваат Бакари Диало, Кевин и Оливие Њокас, Стефан Додиќ, Стефан Крстевски, Жереми Тото и Патрик Валчак, а Костадин Петров беше на позајмица од Металург. Голема дилема останува и дали тренерот Давид Дејвис Камара ќе остане во македонскиот првак, затоа што неговиот договор истекува овој јуни, но постои клаузула за продолжување.