Културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Рокдејл, одржа голем концерт во спортскиот центар „Илинден“ во Сиднеј, со кој свечено го најави одбележувањето на својот голем јубилеј – 60 години постоење и успешна работа.Салата беше исполнета до последното место, а бројната публика уживаше во убавината на македонската песна, оро и традиција. Претседателот на друштвото, Крис Карафиловски, ги поздрави гостите и ја најави богатата програма во која настапија сите генерации играорци – од најмладите членови, па сè до највозрасната женска група.

Во салата владееше исклучително весела и свечена атмосфера. Сите групи покажаа високо ниво на подготвеност, дисциплина и врвен професионализам, а песната и орото одекнуваа во текот на целата вечер.Особено впечатлив беше настапот на најголемата група. Младите момчиња и девојки, со огромна енергија, насмевки и искрена љубов кон фолклорот, ги изведоа своите кореографии и ја воодушевија публиката. Облечени во прекрасни македонски народни носии, тие преку повеќе сплетови на ора ја доловија безвременската убавина на македонскиот бит.КУД „Илинден“, кое работи во рамките на Македонската православна црковна општина „Св. Петка“ во Рокдејл, е основано во 1966 година и претставува еден од најзначајните чувари на македонскиот идентитет и култура во Австралија.

Во текот на своето долгогодишно постоење, друштвото неколкупати има настапувано и во татковината, достојно презентирајќи го македонското културно наследство. Подготовките за централната прослава на големиот јубилеј, која ќе се одржи во ноември, се веќе во полн ек.Друштвото денес гордо брои осум играорни групи и осум кореографи, од кои повеќето се поранешни долгогодишни играорци кои со љубов го пренесуваат своето знаење на младите генерации. Во рамките на концертот, претседателот Карафиловски им додели признанија на членовите со 10 и 15 години активно творештво во друштвото, кои беа наградени со бурен и искрен аплауз.

Посебно внимание привлече ансамблот на млади инструменталисти, како и десетгодишната солистка која со својот ангелски глас и придружба на младиот оркестар, маестрално ја изведе безвременската македонска песна „Зајди, зајди, јасно сонце“.По завршувањето на официјалниот дел, играорците и посетителите го продолжија дружењето со песна и оро до доцна во ноќта. Навистина прекрасна вечер исполнета со македонски дух, традиција и заедништво – настан кој уште еднаш докажа дека македонскиот корен е жив и силен и на далечниот австралиски континент.