Ја претрча Австралија за 47 дена!

Електричарот и аматерски маратонец од Сиднеј, 23-годишниот Нед Брокман, оствари потфат кој долго ќе се раскажува. Ова момче за 47 дена ја претрча Австралија од запад кон исток и по тој пат мина 3.953 километри, односно во просек нешто над 84 километри дневно!

Неколку илјади воодушевени жители на Сиднеј му посакаа добредојде на Нед на познатата плажа Бондај кога ја пресече лентата на целта на својата мисија, преку која собра A$1.82 милиони за добротворни цели. Брокман целиот приход го посвети на борбата против бездомништвото во Австралија, преку добротворната организација „Да се мобилизираме“.

Брокман на оваа смела авантура тргна на 1 септември од плажата Котесло во Перт. Секој ден трчаше околу 10 часа, најчесто почнувајќи околу 05:00 часот наутро. Во текот на целото патување имаше придружба, неговите родителите Кајли и Јан, неговата девојка Џема Грифин, пријателот и фотограф Бредли Фарли и физиотерапевтот цело време го следеа во автомобили. Брокман имал план да го собори рекордот на сите времиња, кој во 2005 година го постави германскиот ултрамаратонец Ахим Хојкемес, кој ја претрча Австралија за 43 дена. Меѓутоа, повредите кои ги доби во првата четвртина од патувањето го натераа Нед да го намали темпото и дневно да минува помалку километри. Особено по повредата на скочниот зглоб што ја доби на 12-от ден.

– Зглобот ми беше многу отечен и едвај можев да го подигнам стапалото или да ги движам прстите на таа нога. Но, тоа не ме загрижуваше многу. Добро го врзавме зглобот и до крајот на денот успеав да ја истрчам километражата што ја планирав – вели Брокман.

Ова момче истакна дека сака да ги тестира своето тело и ум, па слоганот на неговата трка против себе беше: „Не се чувствувам удобно кога ми е удобно“.

– Сакам да ги предизвикувам моето тело и ум, да видам колку далеку всушност можам да одам и да видам колкави се можностите на човечкото тело. Покрај тоа, ова го искористив за да ја подигнам свеста за бездомништвото, бидејќи тоа е нешто во што навистина сакам да помогнам – вели Брокман.

За време на големиот предизвик овој 23-годишник не само што се здоби со повреди на мускулите и зглобовите, туку и значително ослабе, а кожата два пати му изгорела од силното сонце кое првенствено го следеше низ Западна Австралија и додека трчаше покрај пустината Наларбор.

По поздравот со оваци од сограѓаните, откога ја заврши мисијата, Хед најде време и сили да одговори и на неколку новинарски прашања.

– Ова е 100 отсто физички и 100 отсто ментален ангажман. За 47 дена минав низ вистински виори на напор, болка и едноставно е неверојатно што може да издржи човечкото тело кога умот е силен и не се предава на тежината на предизвикот – изјави Брокман и додаде дека очекува неговата добротворна акција во следните денови ќе собере уште пари, иако и со $1.82 милиони ги надмина очекувањата.

– Се надевам дека на крајот ќе стигнеме до два милиони. Тие пари, се надевам, ќе придонесат да се променат животите на многу бездомници и генерално да дојде до големи промени кога станува збор за овој социјален проблем – рече на крајот Брокман.

За ова 23-годишно момче родено во Форбс, Нов Јужен Велс, ова не е негова прва импресивна хуманитарна акција. Во 2020 година Брокман истрчал  50 маратони во 50 дена по ред и во таа прилика собрал над $100.000 за Црвениот крст.

Останати вести