Минатава сабота во Lakeside Banquet &Convention Centre” во Тејлорс Лејкс, се одржа прослава на заедничкиот 65-годишен јубилеј на Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија (МПОМВ) и КУД “Светлост”.

Претседателот на МПОМВ, Дејан Змејкоски, им се заблагодари на двете управи од МПОМВ и КУД “Светлост” за нивната напорна работа и подготовките за одбележување на овој голем јубилеј. – Денес славиме 65 години истрајност во културата, традицијата и верата. Македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија е една од најстарите македонски заедници во дијаспората. Во зачетокот формирана како неинкорпорирано здружение во 1956 година а беше регистрирана на 27 февруари 1959 година. Во и околу 1959 година, МПОМВ создаде Драмска група, Женско здружение „Мирка Гинова“, го обнови Престон Македонија и основа училиште за македонски јазик.
Во 1960 година, МПОМВ го создаде и МКУД “Светлост”. Тие имаат заедничка историја во поголемиот дел од изминатите 65 години. Во далечната 1960 година е отворена и првата Македонска православна црква „Свети Ѓорѓи“ на улица Јанг број 52-54, во Фицрој и осветена од владиката Наум, испратен од тогашната автономна Македонска православна црква на 7 август 1960 година за да се совпадне со македонскиот национален ден Илинден. Соодветно е што денес, во август, повторно сме собрани да го одбележиме јубилејот и да оддадеме почит на сите што се дел од историјата, рече Змејкоски.




Како почесни гости на настанот беа претставничката од лабуристичката партија Бронвин Халфпени, пратеничка во парламентот за Томастаун и од либералната партија Моира Диминг, пратеничка во парламентот за Западен Мелбурн. Тука беа и архимандрит Гаврил Галев, отец Климент Станковски, протојереј ставрофор Ефтим Бетински и отец Глигор Киселинов од Руската православна црква. Од македонскиот конзулат во Мелбурн беше Али Алиевски и имаше делегати од Македонската заедница во Џилонг, МПЦ „Св. Петка“ Рокдаел, од Македонската православна заедница во Волонгонг и од Македонската православна заедница на Австралија – Сиднеј. Претставници од хуманитарната организација „Македонски штит“ и Македонската православна младина на Австралија.
Претседателот на МКУД “Светлост”, Злате Треневски, изјави дека посветеноста и заложбата на сите што придонесуваат за друштвото оди многу подалеку од она што го правиме локално, сите сме дел од мозаикот на македонската заедница со кој се гордееме во Австралија. – Вечерва не е само за прославување на КУД “Светлост” како чувар на богатата културна традиција, туку и можност да ја покажеме нашата почит и благодарност кон нашите минати и сегашни членови и семејства.
Историјата на КУД “Светлост” е значајна за Македонската заедница во Австралија со 65 години непрекината работа како чувар на нашата прекрасна култура и традиции. Сакаме да ја потенцираме визијата и страста на основачите Ристо Василев и Ана Василева, заедно со група други македонски имигранти што го основаа друштвото во 1960 година, рече Треневски.



Изминатите децении низ КУД “Светлост” поминаа многу генерации на играорци што со љубов ги чуваат своите корени и нашите прекрасни македонските народни песни и ора.
Вечерта големата и средната група се претставија со нови носии, кои се оригинални и рачно изработени од Македонија. Пред присутните настапија и членови од 1980-тите, кои се обединија со нивниот бенд, “Златен Тон”, за историски настап на поранешните играорци. За сите присутни имаше подароци и брошура со кратка историја на нашите организации што одбележаа значаен јубилеј. Исто така, имаше посебен подарок од МПОМВ, книга за историјата на МПЦ „Свети Ѓорѓи“, напишана во 1992 година од Иван Чаповски.
Историскиот 65-годишен јубилеј е нешто што има длабоко значење за македонците во Австралија. Тое е силен темел со долгогодишна историја на нашето наследство со кое сите можеме да бидеме горди.
Им честитаме на МПОМВ и на КУД “Светлост” за нивната посветеност, упорност и работа и се надевам дека ќе продолжат заедно за да прославуваме уште многу јубилеи во иднина.