Македонското студентско друштво – Melbourne University Macedonian Student Society (MUMSS), активно ја промовира македонската култура, јазик, историја и национален идентитет меѓу студентите во Мелбурн
Македонскиот дух, традицијата и дружењето повторно беа присутни на Мелбурн Универзитетот, каде што Македонското студентско друштво – Melbourne University Macedonian Student Society, организираше уште еден успешен културно-забавен настан.
На 31 август, во Old Metallurgy Courtyard, студентите имаа можност да уживаат во вкусни македонски ќебапи, музика и пријатна атмосфера. Настанот привлече посетители, а од MUMSS упатија благодарност до сите кои се придружија.

„Голема благодарност до сите што дојдоа на вкусните ќебапи. Имавме добар одѕив! Ви благодариме и се надеваме дека ќе се видиме на нашите идни настани“, порачаа од друштвото.
Но, зад дружењето и вкусната македонска храна стои една поголема цел – негување и промовирање на македонската култура, јазик, историја и национален идентитет меѓу младите.
MUMSS во текот на академската година организира различни активности, меѓу кои штандови со традиционална македонска храна, културни настани, заеднички посети на ресторани и други дружења.
Посебно значајна е и нивната заложба за поттикнување на употребата на македонскиот јазик и поддршка на академските достигнувања на македонските студенти.

Друштвото воедно гради мостови меѓу македонските и студентите од други културни средини, овозможувајќи подобро меѓусебно запознавање и разбирање.
Од MUMSS ги повикуваат сите студенти со македонско потекло да им се приклучат, но и сите останати студенти кои сакаат да ја запознаат македонската култура и традиција.
Со младите како носители на активностите, македонската култура продолжува да живее, да се споделува и да се афирмира и во една од најразновидните универзитетски средини во Австралија.