Џамбазов: „Ме боли кога ќе речат дека Македонија нема иднина“, рече на концертот „Силно светнал ден“ за 35 години независност

„Ме боли кога ќе речат дека оваа земја нема иднина“, рече Игор Џамбазов на концертот „Силно светнал ден“ во Охрид, со кој започна музичкиот караван по повод 35 години од независноста на Македонија.

Во музичко-сценскиот спектакл учествуваат над 120 уметници – пејачи, музичари и танчари. „Ваши се и Охрид и Струга, и Лондон и Цариград и Мачу Пикчу и Кинескиот Ѕид, ваши се градот на Вардар и македонскиот јазик и Блаже Конески и сета македонска книжевност. Тоа треба да го чувате, да нè дочувате, да се сочувате“, им рече Џамбазов на младите уметници кои рапуваа стихови од познати македонски поети.

Еден од највеселите и најеуфоричните настапи е блокот навивачки песни кои ги пеат Петар Младеновски-Пеце од „Суперхикс“, Димитар Андоновски, Александар Тарабунов, Дарко Гроздановски и Бојан Стојков. Настапуваат и легендарниот Драган Мијалковски, Тамара Тодевска, Никола Перевски-Пере од „Нокаут“, Андријана Јаневска, Бојана Скендеровски, Елена Ристеска, Ана и Игор Дурловски, Бранко Николовски од „Фолтин“, Зуица Лазова, Полина Тасева, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Дорис Димовска, Ана Петановска која ги пееше и придружните вокали, Ружица Милошевска-Брчиоска, Таско, „Некст Тајм“, Тони Зен, Јанг Дади и Мина Блажев. Повеќето од нив испеаја евергрини од поп музиката.

Публиката со воодушевување го следи музичко-сценскиот перформанс, кој ги спои сите важни моменти од 35 години независна Македонија.

Караванот опфаќа 11 града, почнувајќи од Охрид на 9 август па преку Битола, Велес, Крушево, Куманово, Штип, Прилеп… Од „Авалон“, кој заедно со Владата се организатори на серијата настани по повод Денот на независноста – 8 Септември, рекоа дека караванот завршува на 4 септември во Скопје, а во меѓувреме ќе се објават и датумите за другите градови.

Прославата на 35 години независност ќе кулиминира со настапот на Дејвид Гета на 8 септември на стадионот „Тоше Проески“, по музичкиот спектакл на 1 септември на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, на кој главна ѕвезда ќе биде шпанскиот тенор Хозе Карерас.

Останати вести