Австралискиот амбасадор со седиште во Белград и акредитација за Република Македонија, Питер Трасвел, минатата седмица ги посети Битола и Прилеп.
На средбата со градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, биле разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави. Битола и околината традиционално се печалбарски крај, а значаен дел од македонската дијаспора живее токму во Австралија. Оваа поврзаност била една од темите на разговорот со австралискиот амбасадор.
Општина Битола уште од 1985 година е збратимена со Рокдејл во Сиднеј.
Градоначалникот го запознал амбасадорот Трасвел и со економскиот потенцијал на Битола, како и со условите и можностите што ги нуди општината за реализација на инвестиции.
Во рамки на средбата било разговарано и за актуелните случувања во Битола. Амбасадорот посочил дека е импресиониран од фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, кој во моментов се одржува во градот.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, исто така им беше домаќин на амбасадорот Питер Трасвел, почесниот конзул Зоран Костовски и претставници на Амбасадата на Австралија.
На средбата било разговарано за досегашната соработка меѓу Прилеп и Австралија, како и за можностите за нејзино продлабочување преку нови партнерства и конкретни проекти.
Општина Прилеп од 2008 година е збратимена со тогашниот Town of Vincent – Perth, Western Australia, денес City of Vincent.
На средбата било разговарано и за можностите што ги нуди Direct Aid Program на Амбасадата на Австралија, преку кој се поддржуваат локално иницирани проекти на граѓански организации, невладини организации и други субјекти од граѓанскиот сектор. Посебен акцент бил ставен на зелената транзиција, заштитата на животната средина, учеството на заедницата и развојот на знаењата и можностите за жените и младите во зелената економија.
Од Општина Прилеп посочуваат дека целта е средбата да биде основа за поконкретна соработка, нови партнерства, размена на искуства и отворање можности за економска соработка и инвестиции.